Фото: Пиксабеј
  • Постои стара приказна што вели дека божицата на пролетта претворила една птица, чии крилја биле замрзнати од зимата, во зајак. Бидејќи зајачето претходно било птица, тоа ја задржало способноста да несе јајца, но само еднаш годишно – на празникот на пролетта

Велигден, двеилјадигодишниот христијански празник, го означува воскресението на Исус Христос – но некои од неговите модерни традиции имаат паганско потекло како симболи на нов живот, пишува Ерин Блејкмор за „Нешнал џиографик“. Чоколадни зајачиња, букети од лилјани и нарциси, лов на вапсани јајца… Многумина Велигден го сметаат за неофицијален почеток на пролетта, но за христијаните низ светот празникот е најважната прослава во годината. Вкоренет во повеќе од 2.000 години ритуали и обреди, Велигден го одбележува централниот настан во христијанската црква: воскресението на Исус Христос, кое христијаните го гледаат како исполнување на библиското пророштво за месија што ќе воскресне од мртвите и ќе им даде вечен живот на небото на оние што веруваат во него.

Зошто зајачињата се поврзани со Велигден? За историчарите, прашањето содржи малку мистерија. Постојат некои индиции што нè водат до американската колонијална ера и германската ренесанса. Со текот на годините, Велигден се споил со паганските пролетни прослави. Популарните традиции го вклучуваат велигденското зајаче како народен симбол на пролетта што симболизира нов живот. Велигденското зајаче е еден од најсимпатичните и најпрепознатливи симболи на празникот, особено популарен во западниот свет, но сè поприсутен и кај нас преку декорациите и чоколадните фигури.
Зајакот уште од античко време бил симбол на новиот живот и плодноста. Бидејќи зајаците се едни од првите животни што излегуваат и се размножуваат во рана пролет, тие станале природен амбасадор на пролетната преродба. Традицијата има германски корени. Првите записи датираат од 1600-тите години. Според традицијата, зајачето ги оценувало децата — дали биле послушни или не во текот на годината, па на добрите деца им носело вапсани јајца во гнездо (кошничка). Постои стара приказна што вели дека божицата на пролетта претворила една птица, чии крилја биле замрзнати од зимата, во зајак. Бидејќи зајачето претходно било птица, тоа ја задржало способноста да несе јајца, но само еднаш годишно — на празникот на пролетта. Додека црвеното јајце ги носи духовната тежина и традицијата кај нас, зајачето е тука да додаде малку магија и насмевки за најмладите.

Денес Велигден не може да се замисли без чоколадните зајачиња завиткани во златна или шарена фолија. Првите чоколадни зајачиња се направени во Германија во 19 век. Во македонските домови зајачето често се поставува како фигура во кошничката со црвени јајца, симболизирајќи ги радоста и детската игра.