Програмата по повод роденденот отсликува дел од проектите што „Лабораториум“ ги имаше во изминатата година, разновидни, необични и активни

Во текот на неделава едукативно-културниот центар „Лабораториум“ ќе го одбележува својот прв роденден со повеќедневна и разновидна програма, која започна вчера, а ќе трае до недела. Програмата по повод роденденот отсликува дел од проектите што „Лабораториум“ ги имаше во изминатата година, разновидни, необични и активни.
Програмата започнува со хуманитарниот настан „Гивинг тјузедеј“„во соработка со центарот за социјални иницијативи „Надеж“, чија цел е да ја издигне свеста на младите во нашата земја за важноста на реупотребата на користената облека и модните додатоци. Среда е резервирана за „Ол стар – ем сешн“ – прослава на неделниот проект „Експериментален џем“, со отворена покана за сите артисти и музичари што биле гости изминатата година. Поканети се сите заедно да создадат импровизиран концерт. Четврток е посветен на локалните крафт-производители и млади диџеи. Гости на настанот ќе бидат „Темов“, „Пиволабс“, „Белеза“, „Вајт Риџ џин“, „Плетварски ракии“, „В’к ракии“, „Мирон вино и ракии“, „Ерос вино“, „Брзанов вино“, „Бак“, „Смид џин“. За музичкиот дел ќе се погрижи диџејското дуо Д.И.К. Викенд-агендата за роденденот на „Лабораториум“ започнува со нова иницијатива на културно-едукативниот центар, „Соушал фрајдеј“, наменета за заедницата и локалниот активизам. „Лабораториум“ ќе ја пренамени оградата на „Лаб кафе“ во автобуска станица на постојката „Европски универзитет“.
– Утрото исто така им го посветуваме на повозрасните граѓани, на кои ќе им се понудат платформа и простор за формирање сениор-клуб во рамките на „Лаб“, место каде што нивните идеи и желби ќе бидат сослушани и реализирани. Вечерната викенд-програма започнува со најава за нашиот највозбудлив проект досега – новото онлајн радио Стереолаб. Ова ново радио има цел да промовира нова независна македонска музика, но исто така ќе негува стари и нови музички тенденции од целиот свет. Диск-џокеи ќе бидат Илина Ангеловска и Ивана Драгшиќ, придружени со перформанс на Александар Велики-Гачо – велат организаторите.
Саботата ќе започне со детското катче, каде што на најмладите ќе им бидат понудени неколку забавни, интерактивни и едукативни проекти. Програмата ќе вклучува интерактивна работилница за репарација на играчки со кои потоа ќе се импровизира куклена претстава, ќе има работилници, детско музичко шоу и,мини-диско. Во вечерните часови следува филмската вечер, каде што покрај проекцијата на македонскиот филм „Домаќинство за почетници“, во режија на Горан Столевски, ќе се одржат и филмски квиз и забава со филмска музика.
Големото финале на 8 декември ќе биде крунисано со „Отворен ден“ – целодневна програма дисперзирана на повеќе катчиња во халата – ликовна уметност, театар, игри, спорт, печатење на „Лаб мерч“ во живо, како и повеќе музички настапи на големата и малата сцена во „Лабораториум“. Диџеј-сетови ќе имаат Јанко Петел Јаваше, ДДс, Диско Нина, Дабл Џи, а во живо ќе настапат М и КЕМ. Настанот в недела ќе трае од 13 часот до 1 часот.