Фестивалот на класична музика има цел да ја доближи класичната камерна музика до публиката, да ги поттикне слушателите да ги почувствуваат различните бои и звуци на инструментите. Со овој музички фестивал се збогатува културното живеење на градот и регионот и се придонесува Струмица да стане културен и уметнички центар на Балканот
Со концертот на „Квартет саксофони“ на Горан Кавраков, Никола Темелков Славица Деспотова и Даме Камчев се затвори годинашното издание на Фестивалот на класична музика „Класика – интернационален фестивал Струмица 2025“. Нивниот настап ќе се одржи во НУЦК „Антон Панов“, во фоајето, во 20 часот.
Горан Кавраков завршил средно музичко образование во ДМУЦ „Сергеј Михајлов“ во Штип. Подоцна продолжува на ФМУ во Скопје на инструментот саксофон, а во 2012 г. ги комплетира своите магистерски студии со инструментот саксофон на ФМУ-Скопје. Од 2002 до 2007 г., тој работи како саксофонист во „Биг бен“ на МРТ. Од 2007 работи како проф. по саксофон во ДМУЦ „Сергеј Михајлов“ во Штип, каде што со своите ученици е добитник на повеќе од сто награди на државни и меѓународни натпревари. Во мај 2018 г. е избран за директор во ДМУЦ „Сергеј Михајлов“, а тој е основач и раководител на „Квартет саксофони“ во 2019 г. Успешно остварува соработка со Музичката академија во Базел, Швајцарија, и се усовршува во Хајделберг, Германија. Во 2019 г. под негово раководство училиштето е добитник на најголемата награда на Општина Штип – „8 Ноември“.
Никола Темелков завршува основно музичко образование во класата на проф. М. Серафимов, а средно завршува во класата на проф. Г. Мицанов. Натамошното образование го продолжува на ФМУ во Скопје инструментален отсек – саксофон во класата на проф. С. Димов. Во 2011 год. со завршување на педагошката доквалификација, се стекнува со звање наставник по саксофон во ДМУЦ „Сергеј Михајлов“ во Штип. Од дипломирањето до денес успешно работи постигнувајќи позитивни резултати во наставата и уметничката дејност. Активно учество на мајсторски школи, семинари и културни лета и постојан член на „Квартет саксофони“.
Моментално работи како наставник по саксофон во ДМУЦ „Сергеј Михајлов“ во Штип.
Славица Деспотова го започнува основното музичко образование во ДМУЦ „Сергеј Михајлов“ во класата на проф. Гоце Мицанов, инструмент пијано. Во истоимениот музички училиштен центар го продолжува своето средно образование со инструментот саксофон кај проф. Г.Мицанов, а во 1999 г. се запишува во ДМА „Панчо Владигеров“ во Софија, Р Бугарија, во класата на проф. В. Влаев, отсек поп и џез. Подоцна ги продолжува магистерските студии во НБУ-Софија, Р Бугарија, и успешно ги реализира. Од 2019 год. е членка во „Квартетот саксофони“, а во 2020 год. успешно реализира мала соло-турнеја во Кочани, Струмица и во Штип со проектот „Музика за саксофон и пијано“. Во моментот работи како наставник во ДМУЦ „Сергеј Михајлов“, во основното музичко училиште на инструментот саксофон.
Даме Камчев своето основно музичко образование го завршува во својот роден град Кавадарци, изучувајќи го инструментот кларинет, во ООМБУ „Лазо Мицев-Рале“, во класата на наставникот Г. Стојанов. Средно образование завршува во ДМУЦ „Сергеј Михајлов“ во Штип, во класата на еминентниот професор и педагог Г. Мицанов. Даме Камчев е дел од првата генерација дипломирани студенти на одделот за џез студии-саксофон при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, на музичката академија во класата на истиот професор каде што дипломира во 2011 година. Следејќи ги своите амбиции и талент, во 2013 година своето образование го продолжува студирајќи и класични студии по саксофон, на Универзитетот Св. „Кирил и Методиј“ во Скопје, запишувајќи се на ФМУ – Скопје во класата на проф. Н. Димов. Со завршување на овие студии, Камчев се стекна со втора академска диплома во 2017 година, што претставува несекојдневен случај. Даме Камчев од учебната 2018-2019 година е вработен како наставник по саксофон во ДМУЦ „Сергеј Михајлов“ во Штип.
Фестивалот на класична музика има цел да ја доближи класичната камерна музика до публиката, да ги поттикне слушателите да ги почувствуваат различните бои и звуци на инструментите. Со овој музички фестивал се збогатува културното живеење на градот и регионот и се придонесува Струмица да стане културен и уметнички центар на Балканот. С.Ј.