Раритетен споменик на културата со автентична староградска архитектура и уникатен ентериер што е зачуван и конзервиран, а во кој има и голем број слики и фотографии што говорат за семејството Бојаџиеви
Куќата на Бојаџиеви е стара куќа во Охрид прогласена за значајно културно наследство на Македонија, како особен претставник на македонската староградска архитектура. Куќата се наоѓа во маалото Варош, на улицата Илинденска бр. 39, северно од црквата „Св. Варвара“. На север е залепена за куќата на Димзови, која исто така е споменик на културата.
Градбата е слободно поставена во сопствен двор. Изградена е од богат сопственик за време на економскиот расцут на градот во 19 век. Се состои од приземје, релативно низок прв кат и претставителен втор кат. Претставува братска куќа со изразена симетрија по вертикалата. Фасадите се богато украсени со карактеристични еркерни издатоци на катовите, потпрени со косници и вути, богато профилирана стреа, хармоничен ритам на прозорците, дрвени опшиви на фасадата и околу прозорците. Попретставителна е фасадата кон улицата Илинденска, но и јужната насочена кон езерото исто така е убаво направена. Приземјето е од фугиран камен, а катовите се бондручни. Меѓукатната и покривната конструкција се дрвени, а покривот е од турски ќерамиди. Подовите се дрвени.
Во внатрешноста се забележителни претставителните гостински соби – профилирани гипсени тавани украсени со аголни обраби и централни розети, богато пластично украсени чичеклаци и огништа, украсни дрвени облоги, вградени долапи со богати декоративни врати и профилирани опшиви и розети, претставителни влезни врати итн.
Во 2013 година, куќата беше реставрирана со финансиска поддршка од страна на Министерството за култура како поединечно заштитен објект од староградската архитектура во Охрид. Слободан Арнаудов, потомок на Бојаџиеви, нагласува дека ова е втора реконструкција.
– Првата реконструкција беше во 1951-52, но времето си го направи своето. Мислам дека сега фамилијата ќе треба да ја зачува оваа куќа – посочува Арнаудов.
Староградската архитектура во Македонија
Македонската староградска архитектура е општ поим за градското градителство во Македонија, кое во повеќе градови е претставено со добро зачувана архитектура од 19 век. Крушево и Кратово до скоро беа комплетни урбанистички целини, како и стариот дел на Охрид. Како мали групации или изолирани елементи, куќи од 19 век се среќаваат и во Тетово, Дебар, Струга, Прилеп, Крива Паланка и во Струмица. И во Скопје се останати неколку во стариот дел, но брзиот развој на македонскиот стопански и културен центар, заедно со земјотресот во 1963 година, беа причина за нивно практично исчезнување.
Архитектонското наследство во 20 век е изразено со терминот градска архитектура, го сочинуваат повеќе категории, од кои позначајни се: беговските живеалишта и, воопшто муслиманската куќа, манастирските конаци и христијанската градска куќа. Во македонската куќа се открива и посебен архитектонски израз. Во ентериерот, ориенталната арабеска е заменета со домашна резба на дрво. На таваните, сергените и вратите, на килимите и другиот текстил, орнаментиката е автохтона – македонска. И во фасадната обработка ориенталната флорална декорација е заменета со творечка смеса од локална културна традиција и европски барок, пресоздаден во дрво. Д.Ст.