Фото: Благоја Шундовски

Знаменитостите на Македонија

  • Со својот јасен и стабилен програмски концепт, аматерското културно-уметничко друштво „Илинден“ веќе одамна прерасна во препознатлив бренд на општината Демир Хисар и гордост на локалната културна сцена

Повеќе од три децении, аматерското културно-уметничко друштво што функционира при домот на културата „Илинден“ во Демир Хисар успешно ги одржува традицијата, креативноста и духот на фолклорот. Со својот јасен и стабилен програмски концепт, „Илинден“ веќе одамна прерасна во препознатлив бренд на општината и гордост на локалната културна сцена.

Од локална сцена до меѓународни настапи

Впечатливи се настапите на ансамблот – и дома и во странство. КУД „Илинден“ редовно учествува на фестивали и манифестации низ Европа, каде што настапува рамноправно со водечките ансамбли во регионот. Сценската енергија, прецизност и верност кон традицијата на „Илинден“ му донесоа повеќе меѓународни признанија и симпатии на публиката.
И покрај скромната финансиска поддршка со средства од Министерството за култура и повремена традиционална помош од Општината – ансамблот успева да опстои. Главниот двигател зад сè се луѓето, односно четворицата вработени -директор, библиотекар, благајник и помошен работник со владеење на универзални вештини, кои со својата пожртвуваност, универзални способности и безграничен ентузијазам го одржуваат ансамблот во континуирана форма.
Проектите најчесто се реализираат на ентузијастичка основа, со голема лична жртва и љубов кон фолклорот. Сепак, резултатот е видлив: секоја година расте бројот на нови млади игроорци од сите населени места во општината.

„Одек низ вековите“ – концерт што ја продолжува традицијата

Во ваква инспиративна атмосфера, ансамблот го подготви традиционалниот годишен концерт, кој годинава донесе симболичен наслов „Одек низ вековите“. Настанот, кој прерасна во културен симбол на Демир Хисар, од минатата година има и свое продолжение – дополнителна програма во која сите членови на ансамблот добиваат можност да ги почувствуваат магијата на сцената и возбудата на првиот аплауз.
Особено признание заслужуваат вработените во домот (четворица), како и двете најпосветени водителки на ансамблот – Леонтина и Јована – кои со својата академска педагошка посветеност и грациозност ги учат младите на вредностите на традиционалниот израз. Нивниот труд, професионализам и љубов кон фолклорот се причина „Илинден“ и понатаму да одекнува – како ехо кон иднината. И сите ние, со големо исчекување и исполнети со позитивна енергија, ги очекуваме претстојните фолклорни спектакли – уште едно незаборавно доживување што ќе ги слави духот, младоста и традицијата на Демир Хисар.

Фолклорен спектакл што го крена на нозе Демир Хисар

Со завршен годишен концерт во две вечери, под наслов „Одек низ вековите“, КУД „Илинден“ уште еднаш покажа зошто е еден од највпечатливите чувари на македонската фолклорна традиција. Во првата вечер настапија најмладите фолклористи – членовите на т.н. мали фолклорни групи – кои со искреност и ведрина го освоија срцето на преполнетата сала во Домот на културата. За многумина од нив, ова беше прв јавен настап, а публиката ги наградуваше со бурни овации. Втората вечер беше резервирана за повозрасните членови на ансамблот, кои со долгогодишно искуство и сценска зрелост приредија вистинска фолклорна катарза. Особено впечатливо беше учеството на уметничките раководителки Јована Велевска и Леонтина Лазаревска, кои, покрај нивната стручна и кореографска работа, се вклучија и како игроорки во речиси сите поставки. Нивното сценско присуство и висок академски профил внесоа дополнителен квалитет и сигурност во изведбите.


– Народното оро е симбол на љубов, заедништво и истрајност – тоа е идентитетот на нашиот народ – изјави директорот на Домот на културата, Славче Велјановски, кој потсети дека ансамблот оваа година се закити со голем број награди, меѓу кои и првото место на „Илинденски денови“.
Особено внимание предизвика сценскиот концепт – музичко-сценска поставка со жив оркестар составен претежно од традиционални инструменти (гајда, тапан, кавал), кои се вклопија во современи кореографии, збогатени со вокални и инструментални интермеца. Танчарите од различни генерации оставија впечаток на силна сценска зрелост и професионалност.
Концертот заврши со кореографијата „Пијанец“ – исклучително бравурозна и многу солидно одработена, а публиката, со стоечки и долготраен аплауз особено топло го поздрави младиот инструменталист и изработувач на носии Ангел Петковски, кој на крајот лично ги претстави учесниците на обичајната кореографија „Приказ на горноселскиот Велигден“, со која КУД „Илинден“ го освои највисокото признание на фестивалот „Илинденски денови“ во Битола.

Автор: Благоја Шундовски, новинар, поранешен уредник и директор
на јавното претпријатие Радио Демир Хисар