Серијал за бездомните кучиња, милениците и за сите љубители на животните (12)
Серијал текстови за кучињата скитници, милениците и за сите љубители на животните, подготвени од Илија Петковски, кој магистрира екологија и животна средина на „Сорбона“ во Париз, излегуваат на викенд-страниците на рубриката Магазин во „Нова Македонија“. Низ текстовите авторот ќе понуди современи хумани решенија за решавање на проблемот со бездомните кучиња и за состојбата во државата во врска со овој проблем. Целта е издигнување на јавната свест за благосостојбата на животните на научна основа и отворање дебата за оваа тема, со цел да се создаде похуман свет за сите. Текстовите провоцираат научна дебата за бездомните кучиња во Македонија, фокусирана на еколошката нерамнотежа и хиперпопулацијата наместо на емоции и холивудски стереотипи. Фокусот на текстовите понатаму ќе се сведе и на одговорното сопствеништво на милениците
Соња, кучето што изминативе денови исчезна, без сомнение стана најпопуларното милениче во Македонија. Огромната загриженост на сопствениците да ја најдат стана вирална. Социјалните мрежи експлодираа, а мемињата со Соња во „Емили во Париз“ или во „Грабната“ („Taken“) на еден необичен начин ја претворија загриженоста во колективна акција. Веста се ширеше лавински низ фејсбук-групи, па преку одделенски вибер-групи на родители до маалски кругови, меѓу пријатели и професионалци од сферата на милениците. Луѓето споделуваа, бараа, се вклучуваа, се надеваа.
Во потрагата се вклучија моторџии, велосипедисти, деца, вработени во институции… Тоа не беше само потрага по куче туку редок момент на вистинска солидарност. Секој што некогаш имал куче во Македонија ја препозна сопствената вознемиреност во оваа приказна. Дополнително, беше понудена и награда од 1.000 евра за пронаоѓање на Соња, но госпоѓата што асистираше во пронаоѓањето не сакаше ниту да ја спомне ниту да ја прифати. Таа е исто така сопственичка на куче и ги препозна болката, немирот и неизвесноста на сопственичката, како и сите ние. Разбирањето е најчистата форма на емпатија.
Но вистината за исчезнувањето на Соња не е твитер-романтична. Соња не побегнала во шопинг низ Париз, ниту пак ѝ здосадила аристократијата, туку мирната Соњичка при разминување била изненадувачки агресивно, брзо и неиспровоцирано нападната од друго многу поголемо куче, несоцијализирано и непредвидливо. На едната страна на поводникот е големото животно, а на другата сопственичка што нема ниту физичка, ниту пак хиерархиска контрола врз своето куче. Тука завршува емоцијата и започнува одговорноста. Изборот на куче не е само прашање на симпатија туку одлука што подразбира контрола, воспитување и свесност за ризикот.
Кучето, особено вдомено возрасно без познато потекло, мора да биде социјализирано, стабилно и под контрола во секој момент, не само во домот туку и во јавниот простор. Контролата и предвидливоста кај кучето не е ограничување на слободата, туку начин да се создаде сигурна средина во која животното може да се развива. Правилната социјализација и тренинг ги намалуваат анксиозноста и ризикот од непредвидливо однесување, создавајќи сигурност и за сопственикот, но и за околината.
За жал, ваков напад не е изолиран случај, и сите сопственици, особено на големи кучиња, без разлика дали се расни или мешанци, купени или вдомени, имаат морална и правна одговорност да внимаваат нивниот миленик да не се претвори во оружје што пука без да се притисне чкрапалото. Одговорноста вклучува контрола, тренинг, маска, внимание кон социјализацијата и користење соодветни поводници и околувратници, а кај кучињата со проблематично однесување или страв, консултацијата со професионалец е задолжителна.
По нападот, Соња успева да се извлече, но со длабоки повреди и во состојба на екстремен шок. Телото на кучето влегува во режим на преживување: адреналинот нагло се покачува, срцето забрзува, болката се потиснува, а перцепцијата се стеснува. Кучето трча во една насока без ориентација и без способност да реагира на повици. Не ве игнорира, едноставно не може да ве регистрира. Ова е тунелско однесување, каде што сè освен бегството станува ирелевантно.
Како што истакнува познатиот руски физиолог и психолог од 19 век, Иван Петрович Павлов, сигналите од околината стануваат значајни за кучето само ако се асоцирани со награда или опасност, па затоа Соња во моментот на шок не реагира на повиците – не затоа што не ги препознава, туку бидејќи најсилниот стимул во тој момент е стравот.
Овој адреналински импулс може да трае стотици метри, понекогаш и повеќе, во зависност од физичката состојба на кучето. Потоа доаѓа нагол пад: телото се истоштува, а инстинктот за преживување се префрла од бегство во криење од опасноста, која можеби сѐ уште е зад него. Кучето бара тивко, темно и изолирано место каде што ќе може да се стабилизира. Таму останува неподвижно, избегнувајќи контакт со луѓе, животни или каков било надворешен стимул.
Тоа најчесто ги збунува сопствениците: наместо да притрча, кучето се крие. Не затоа што не ве препознава, се крие од вас или „се чувствува виновно“, туку затоа што стравот и траумата се посилни од довербата. Дури кога ќе настапи ноќта и ќе се намали бучавата, кучето постепено почнува да регистрира познати звуци и мириси. Но и тогаш не е сигурно дека веднаш ќе излезе, бидејќи внатрешниот конфликт меѓу желбата за сигурност и стравот од повторна опасност што можеби сѐ уште го демнее останува присутен.
Затоа ваквите ситуации бараат смиреност, трпение и разбирање. Паниката, трчањето и викањето по кучето, кои се сосема нормални и инстинктивни човечки реакции, најчесто го потиснуваат подалеку уште повеќе да се крие. Пристапот мора да биде внимателен, со време и со разбирање на состојбата во која се наоѓа животното. Сепак, токму во тие први минути и часови се добиваат најважните информации од минувачите и жителите за тоа каде последно е видено кучето во радиус од неколку стотини метри. Препорачливо е околу таа локација да се прочешлуваат сите напуштени објекти и скривници за да се пронајде исплашеното и повредено животно, кое речиси никогаш не излегува во првите 24 часа од својата скривница, а уште помалку е веројатно дека ќе почне да талка или, пак, да се врати на местото на нападот каде што сте се разделиле.
Истражувањата покажуваат дека приближно една третина од кучињата ќе се изгубат барем еднаш во својот живот, а голем дел од нив ќе бидат пронајдени во првите 24 часа. Освен паничен напад по стресна ситуација, друг изразен стимул за оддалечување од сопственикот на социјализирано миленичко куче е желбата за оплодување, на која мора да се внимава. Доколку не се пронајдат навреме, загубените миленички кучиња се изложени на ризици – доколку е расно некој може да „си го земе“ поради дефицитот на расни миленици во Македонија, а заеднички ризик на сите миленички кучиња се повреди во сообраќајни несреќи и напади од глутници бездомни кучиња… Ова е реалност што ги поттикнува сопствениците на максимална реактивност во првите секунди, за да загубеното куче миленик не стане загубено засекогаш, важна е можноста брзо да се идентификува неговата насока на движење.
Случајот со Соња не е само приказна со среќен крај. Тој е јасна лекција: постои силна емпатија и солидарност кај граѓаните околу исчезнат миленик, но и да не заборавиме дека само една единствена индивидуална неодговорна сопственост на куче може да предизвика сериозни последици кон околината. Љубовта кон милениците не се мери со зборови, туку со контрола, знаење и одговорно однесување во секој момент.
































