Серијал за бездомните кучиња, милениците и за сите љубители на животните (3)
Серијал текстови за кучињата скитници, милениците и за сите љубители на животните, подготвени од Илија Петковски, кој магистрира екологија и животна средина на „Сорбона“ во Париз, излегува на викенд-страниците на рубриката Магазин во „Нова Македонија“. Низ текстовите авторот ќе понуди современи хумани решенија за решавање на проблемот со бездомните кучиња и за состојбата во државата во врска со овој проблем. Целта е издигнување на јавната свест за благосостојбата на животните на научна основа и отворање дебата за оваа тема, со цел да се создаде похуман свет за сите. Текстовите провоцираат научна дебата за бездомните кучиња во Македонија, фокусирана на еколошката нерамнотежа и хиперпопулацијата наместо на емоции и холивудски стереотипи. Фокусот на текстовите понатаму ќе се сведе и на одговорното сопствеништво на милениците.
Во претходната колумна видовме низa научни факти потврдени од сите релевантни модерни биолози и етолози во светот дека постојат две сосема одвоени и независни популации на кучиња: слободно движечки бездомни кучиња и миленици. Нивната разлика не е само генетска и психолошка туку е и правна: миленик е куче што поседува микрочип и официјално идентификуван сопственик, кој е физичко лице, а сите други се бездомни. Ретко кое бездомно куче може да биде миленик и ретко кој миленик може да живее како бездомно куче.
Кој урбан сопственик на куче не се има запрашано колку долго неговото салонско куче би опстанало на улица. Одговорот е јасен: во најдобар случај, неколку недели. Угинуваат во првите 30 дена. Најчестата судбина на загубените миленици е да бидат пронајдени и вратени кај сопственикот во првите денови. Другите исходи се помалку среќни: удар од возило или, пак, повреда од бездомни кучиња. Доколку сепак се снајде да опстане во првите денови, му престои период на немилосрдно имунолошко и нутритивно искушение. Неговата можност за интеграција во бездомна глутница е блиска до нула, а уште е помала можноста да стигне до ресурс како храна или, пак, да оплоди женка и да ја зголеми бездомната урбана популација.
Оваа разлика помеѓу двете популации е суштинска и е појдовна точка за воопшто понатаму да се размислува за какво било решение за контрола на бездомната популација. Сегашната пропагирана догма дека сите урбани бездомни кучиња се всушност резултат на напуштени урбани миленици не само што е научно погрешна туку замаглува какво било решение насочено кон изворот на урбаната бездомна популација.
Како што беше образложено во претходните колумни, бездомната популација во Македонија не е нативна од градовите, како што тоа може локално да се случи во „развиените западни држави“, каде што речиси двесте години и не остана друго куче во природата освен милениците. Потсетувам дека во Македонија, ние не бевме толку скандинавски „цивилизирани“ во поглед на методите на масовно исчезнување на овој природен вид и си ја сочувавме слободно движечката популација на кучиња во својата природна состојба исто како и многу други месојадни животни. Во Македонија, и општо на Балканот, постои континуиран појас депонија-село-периферија-град и тоа е главниот извор на урбаните бездомни кучиња. Не со комбиња, не насила, туку природно, во потрага по ресурси, најслабите стигнуваат во зрели организирани глутници сочинети од возрасни единки до крајот на појасот, во градовите.

Урбанизацијата е најнеповолната околина за живот на овие кучиња и затоа само оние што не биле доволно доминантни да останат трајно на депонијата и во селата, стигнуваат до градот како крајна дестинација. Овој појас постои поради хиперпопулација на изворот врз кој не е спроведена ниту една акција досега. Според Кропач и соработниците (Kropatsch et al., 2011, Hampshire College), во хиперпопулација, дисперзијата се случува преку генерации.
Наместо да се инсистира на решенија директно врз изворот за да се пресече појасот од корен, преку модернизација на депониите и урбанизација на селата, негативниот фокус е насочен кон урбаните сопственици и одгледувачи, од кои се бараат кастрации и казни. Обвинувањата дека тие учествуваат во зголемувањето на популацијата на урбани бездомни кучиња се научно и статистички погрешни, но и контрапродуктивни. Создавањето конфликт базиран на конфузни емоции наместо на наоѓање научно поткрепени решенија е одлика на општество во кое науката се повлекла, самомаргинализирала и отстапила простор за манипулации и импровизации. Акциите што потекнуваат единствено од неразумни емоции влијаат врз природната селекција и создаваат хиперпопулација, која влијае негативно врз екосистемот и јавното здравје на граѓаните преку напади и ширење зоонози. Исто така создавањето вештачка човечка зависност кај овие кучиња и спречувањето на природната селекција, генетски осакатува генерации кучиња. Игнорирањето на природните науки со импровизирани себични постапки за задоволување на сопственото его и емоции влијае врз генетиката и инстинктите за преживување, усовршувани со милениуми кај овие кучиња, кои 25.000 години природно преживеале без човекот.

Како тоа во име на намалување на бездомната популација на кучиња се нормализираа во нашето општество самоиницијативни практики што не само што не влијаат на намалување на бездомната популација туку, напротив, ја поттикнуваат хиперпопулацијата. Стационирање бездомно куче пред зграда со куќички, хранење чопори, ветеринарска индивидуална грижа, вдомување по секоја цена најчесто кај неискусни и неподготвени сопственици, „спасување“ отфрлени легла, дистрибутери на гранули на јавни површини и ред други мерки само ја стимулираат бездомната хиперпопулација. Како тоа се создаде јавно мислење без научна поткрепа и истото тоа е проширено често и од интелектуалци со пристап и можност за критичко размислување? Како тоа стана тренд градоначалниците да се сликаат со проект „Поставување куќички за бездомни кучиња“? Како тоа лесно пресликавме имплементација на актуелни решенија од западните држави што ниту се соодветни за распространетоста на нашата милениумска природна слободно движечка популација на кучиња, ниту пак се прифатливи за македонскиот стандард и капацитети? Како тоа е нормално да се имплементираат превентивни решенија што функционираат во држави што немаат бездомни во држава што има проблем со милионска популација на бездомни кучиња, кои не познаваат граници? Методите без локална научна анализа не само што не даваат позитивни мерливи резултати, туку општа констатација е дека проблемот се влошува.
Илија Петковски

































