Границите на трансплантацијата на органи се поместија подалеку од кога било досега.
Иако за многумина звучи апсурдно, неморално, па дури и во спротивност со религиозните верувања, ксенотрансплантација – е сосема изводлива и ветувачкa област на модерната наука, која во иднина би можела да спаси многу животи, објави „Би-би-си“.
Ксенотрансплантација не е нов тренд во медицината – меѓувидовите експерименти за трансфузија на крв датираат уште од 17 век.
Првите органи земени од генетски модифицирани свињи се ставени кај луѓето, а примателот на првото свинско срце успеал да преживее два месеци. Ова значи, дека лекарите се многу блиску до „претварање на свињите“ во извор за органи за трансплантација и решавање на глобалниот проблем од недостиг со органи?
Успехот или неуспехот од трансплантацијата се открива многу брзо по операцијата.
Ако телото изврши напад врз „надворешниот орган“ – секоја клетка во ткивото ќе се згрутчи од внатре и кон надвор. Ќе стане дамкаво, потоа сино, а потоа целосно црно за неколку минути.
Но ако се избегне „хиперакутно отфрлање“, трансплантираниот орган ќе стане розев со протокот на крв и кислород, пишува „Би-би-си“.
Употребата на животински органи во човечкото тело е стара идеја која најпрво започнала со трансплантација на тестиси од шимпанзо, бубрези и срца земени од нашите роднини примати. Но истите често завршувале со смрт, а проблемот бил што човечкиот имунолошки систем го третира трансплантираниот орган како инфекција и го напаѓа.
Фокусот периодов е на свињите, бидејќи нивните органи се приближно до вистинската големина како човечките. Потребна е посебна работа на генетскиот инженеринг на свињите, односно промена на нивната ДНК, за нивните органи да станат компатибилни со човечкиот имунолошки систем.
Неодамнешните ксенотрансплантации на бубрези и срце, биле земени од специјално генетски модифицирани „прасења со 10 гени“. Исто така направени им биле и генетски дотерување за да спречи трансплантираните органи да реагираат на човечките хормони за раст, и да започнат да растат надвор од контрола.
Клучна промена при прилагодувањето на свинските органи за трансплантација е отстранувањето на зашеќерената молекула, наречена алфа-Гал, која се наоѓа на површината на свинските клетки и делува како светлечки неонски знак што го означува ткивото како апсолутно туѓо.
Едно крило од човечкиот имунолошки систем постојано патролира низ телото барајќи алфа-Гал клетки, па затоа трансплантираните органи можат да бидат отфрлени откако ќе се пресадат.
Затоа „свињите од 10 гени“ се одгледуваат во исклучително стерилни услови, за да бидат погодни за трансплантација.
Пар свински бубрези биле трансплантирани во Џим Парсонс кој бил во состојба на мозочна смрт во септември 2021 година. Тој сакал да биде донатор на своите органи кога ќе умре и кога му биле извадени бубрезите за донирање, на нивно место биле ставени свински бубрези со дозвола од неговото семејство.
Трансплантацијата пак на свинско срце беше направена над 57 годишниот Дејвид Бенет кој имал тешка срцева слабост. Тој не се сметал за погоден за трансплантација на човечко срце и во живот бил одржуван со машина „Екмо“, која го поддржувала неговото срце и бели дробови.
Свиња со 10 гени била однесена во болница и на 7 јануари годинава и нејзиното срце било ставено во градите на Дејвид Бенет. Операцијата била незгодна бидејќи заболеното срце на г-дин Бенет било отечено, па поврзувањето на крвните садови со помалото свинско срце било предизвик за лекарскиот тим, предводен од д-р Мухамед Мохиудин, директор на болницата за срцева ксенотрансплантација.
– Нервозен беше моментот на исчекување да се види дали срцето ќе стане розово или ќе биде одбиено. Искрено не очекував дека ќе бидам сведок на нешто вакво во мојот живот – рекол Мохиудин по операцијата.
Д-р Мохиудин трансплантацијата ја опиша како ремонт на стар автомобил со нов мотор.
– Кога разговарав со Бенет еден месец по операцијата, тој ми кажа дека е добро и немаше знаци на отфрлање на орган, но г-дин Бенет сè уште беше изнемоштен. Ние ставивме нов мотор на Ферари во автомобил од 1960-те. Моторот работи одлично, но остатокот од телото мора да се прилагоди – појасни д-р Мохиудин.
Г-дин Бенет починал два месеци по трансплантацијата. Не биле покажани знаци на отфрлање на органот. Но ако деталната анализа на срцето покаже знаци на имунолошкиот напад, на свињата со 10 гени, ќе треба дополнителни модификации за да се направат нејзините органи попогодни за човечкото тело, пишува медиумот.
Алтернативно, некомпатибилноста би можела да се сведе на анатомијата, односно свинските срца можеби не одговараат на работата во човечкото тело. Човековото срце мора да работат многу понапорно отколку свинското за да се борат со гравитацијата, затоа што луѓето одат на две нозе, а свињите на четири.
Крис Денинг, професор по биологија за матични клетки на Универзитетот во Нотингем, смета дека проблемот со г-нот Бенет е неговата кревкост и дека ксенотрансплантацијата „би можела да биде успешна во иднина“, но ако некомпатибилноста се сведе на теријата за анатомијата, тогаш тоа би значело „потенцијално запирање на шоуто“.
И покрај смртта на Бенет, болницата планира да продолжи со клиничките испитувања.
Според професорот Џон Волворк, еден од најеминентните хирурзи за трансплантација во Велика Британија, свинските срца не мора да бидат толку добри како човечкото срце за да спасат огромен број животи.
Професорот Волворк, кој ги спроведе првите трансплантации на срце, бел дроб и црн дроб во светот и беше ран пионер на ксенотрансплантација, вели дека подобро е на 1.000 луѓе да им се даде 70% шанса за преживување со свинско срце, отколку на 100 луѓе 85% шанса за преживување со човечко срце.
Д-р Џејм Лок член на тимот кој направи ксенотрансплантацијата на срце и бубрези додаде:
– Наша основна цел е една модифицирана свиња со 10 гени да може да спаси пациент со бубрежна инсуфициенција, пациент со откажн црниот дроб, пациент со срцева слабост и пациент со краен стадиум на белодробна болест. Тоа би било извонредно достигнување и искрено верувам дека ќе го постигнеме тоа.