Фото: Пиксабеј

Потрагата да се разберат тајните на долговечноста не е лесна. Тоа вклучува откривање на сложената интеракција на генетската предиспозиција и факторите на животниот стил и како тие комуницираат во текот на животот на една личност, пишува „Сајенс алерт“, повикувајќи се на резултатите од една неодамнешна студија што откри некои нови наоди.
– Стогодишниците одамна се од голем интерес за научниците бидејќи можат да ни помогнат да разбереме како да живееме подолго, а можеби и како да старееме со подобро здравје. Досега студиите за стогодишници често беа мали и фокусирани на одредена група, на пример, исклучувајќи ги стогодишниците што живеат во домови за стари лица. Нашата е најголемата студија што ги споредува профилите на биомаркерите измерени во текот на животот меѓу екстремно долговечните луѓе и нивните врсници со пократок живот досега – вели Карин Модиг, вонредна професорка по епидемиологија на институтот „Каролинска“.
Студијата опфатила податоци од 44.000 Швеѓани, на возраст од 64 до 99 години, кои биле следени 35 години. Од овие луѓе, 1.224, или 2,7 отсто, доживеале сто години. Огромното мнозинство (85 отсто) од стогодишниците беа жени. Вклучени се 12 биомаркери базирани на крв што се однесуваат на воспаление, метаболизам, функција на црниот дроб и бубрезите, како и потенцијална неухранетост и анемија.
– Откривме дека, генерално, оние што го достигнале својот стоти роденден имале пониски нивоа на гликоза, креатинин и урична киселина од нивните 60-ти натаму. Иако средните вредности не се разликуваа значително помеѓу стогодишниците и нестогодишниците за повеќето биомаркери, стогодишниците ретко покажуваа исклучително високи или ниски вредности. Дури и ако разликите што ги најдовме генерално се доста мали, тие укажуваат на потенцијална врска помеѓу здравјето, исхраната и исклучителната долговечност – вели Карин Модиг.
Студијата, сепак, не дозволува никакви заклучоци за тоа кои фактори на животниот стил или гени се одговорни.