Тука би потрошиле околу 1.400 евра месечно
Дигиталните номади може да бидат ИТ-професионалци, дизајнери, писатели и преведувачи што користат технологија за работа од далечина. Нивната работа не е врзана за едно место и канцеларија. Тие можат да работат насекаде во светот, сè додека имаат пристап до вифи-мрежа. Европските земји нудат флексибилни опции за работа од далечина, а неодамна предизвикот не е да се добие виза за дигиталните номади туку да се избере место каде точно да се населат. Нова студија на онлајн платформата „Плејерстајм“ ги анализираше 35-те најпосетувани дестинации на европскиот континент за да открие кои се најдобрите места за работа од далечина.
Студијата ги анализираше трошоците за сместување, храна, интернет, јавен превоз и нивото на безбедност. Без многу изненадување се покажа дека градовите од Централна и Источна Европа нудат најдобар сооднос цена-квалитет кога станува збор за брз интернет, прифатливо сместување и јавен превоз, додека земјите од Западна и Северна Европа се значително поскапи. Во оваа студија, Краков се издвои како најдобар град за работа од далечина. Вториот по големина град во Полска го зазеде првото место на листата благодарение на голем број предности. Излегува дека просечните месечни трошоци тука изнесуваат 1.423,12 евра. Храната може да се обезбеди за 128 евра месечно, а интернетот за 13,94 евра. Краков исто така е многу безбеден град за живеење, со индекс на безбедност од 75,08 од можни 100. На второто место на листата на најдобри европски градови за работа од далечина е уште еден полски град – Варшава, кој нуди сигурна и брза интернет-конекција по прифатлива цена.
Меѓу првите 10 града за дигиталните номади се два града од Шпанија (Мадрид и Севилја) и два од Португалија (Лисабон и Порто). На деветтото место на оваа листа се најде Дубровник, кој се покажа како најбезбеден во целото истражување, со индекс на безбедност од 82,23 од 100.
































