Фото: Пиксабеј

За пет години можеби повеќе нема да носиме паметни телефони во џебовите, а екраните на допир ќе бидат заменети со нешто многу пореволуционерно. Технолошката индустрија моментално поминува низ трансформација, која засекогаш ќе го промени начинот на кој комуницираме. Во првите редови на оваа тектонска промена се најистакнатите фигури во технолошкиот напредок: Илон Маск, Марк Закерберг, Сем Алтман и Бил Гејтс.
Иако паметните телефони досега беа незаменлив дел од нашиот секојдневен живот, овие водечки технолошки иноватори тврдат дека крајот на користењето на овие уреди е неизбежен. Во иднина, наместо екрани и тастатури, технологијата ќе им овозможи на нашите тела директно да комуницираат со уреди, преку мозочни импланти, електронски тетоважи и очила за проширена реалност. Илон Маск, основач на „Неуралинк“, кој го предводи развојот на мозочни импланти што ќе им овозможат на корисниците да ги контролираат уредите користејќи ги само своите мисли, верува дека тоа ќе направи физичките интерфејси, како што се екраните на допир, да станат минато. Првите верзии на новата технологија се веќе тестирани, а овие чипови се успешно вградени кај двајца корисници, демонстрирајќи ја почетната функционалност на овој револуционерен систем.
Слично на тоа, Марк Закерберг, основач на платформата „Мета“, е посветен на развој на очила за проширена реалност. Тој предвидува дека овие очила постепено ќе ја преземат функцијата на паметните телефони до 2030 година. Оваа транзиција кон понапредни технологии, според него, ќе биде слична на онаа што ја доживеавме со преминот од компјутери на мобилни уреди.
Основачот на „Мајкрософт“, Бил Гејтс, инвестира во „Тех татс“ – електронски тетоважи со наносензор што овозможуваат собирање, испраќање и примање податоци. Гејтс верува дека тие еден ден ќе ги заменат паметните телефони. Иако технологијата сè уште е во развој, нејзиниот потенцијал е огромен, особено на полето на медицината, каде што може да овозможи рано откривање срцеви и мозочни удари. Сепак, се јавуваат и сериозни проблеми со приватноста – ако личните податоци постојано патуваат во централизирани бази на податоци, тоа отвора простор за масовна злоупотреба и контрола што досега не била видена.
Сепак, не сите го делат овој став за иднината. Спротивно на овие футуристички визии, Тим Кук, извршен директор на „Епл“, е еден од оние што веруваат дека паметните телефони ќе ја задржат клучната улога во нашите животи уште долго време, нагласувајќи дека технологијата на паметните телефони сè уште не го достигнала својот зенит.