НОВИТЕ СТУДИИ ПОКАЖУВААТ
Вообичаените конзерванси што се користат за зачувување на храната и продолжување на рокот на траење може да бидат поврзани со поголем ризик од неколку вида рак и дијабетес тип 2, покажуваат две нови студии од Франција.
– Ова се многу важни резултати за конзервансите, кои се користат нашироко не само на францускиот и европскиот пазар туку и во Соединетите Американски Држави – вели Матилд Тувије, главен истражувач на студијата „Нутринет-Санте“, која беше користена во истражувањето.
Студијата за добивање рак следела 105.000 луѓе во текот на 14 години и го испитувала влијанието на 58 конзерванси. Анализата покажала дека шест конзерванси, вклучувајќи натриум-нитрит, калиум-нитрат, сорбати, калиум-метабисулфит, ацетати и оцетна киселина, може да бидат поврзани со зголемен ризик од рак. Натриум-нитритот, кој се користи во преработено месо, е поврзан со 32 отсто поголем ризик од рак на простата. Калиум-нитратот е поврзан со 22 отсто поголем ризик од рак на дојка и 13 отсто зголемен ризик од сите типови рак.
Студијата за дијабетес тип 2 следела речиси 109.000 учесници без дијабетес на почетокот на истражувањето. Дванаесет од 17 испитувани конзерванси беа поврзани со до 50 отсто поголем ризик од развој на дијабетес тип 2 кај лица што консумирале најголеми количества калиум-сорбат, калиум-метабисулфит, натриум-нитрит, оцетна киселина и натриум-ацетат.
Авторите предупредуваат дека ова се први студии што ја испитуваат врската меѓу конзервансите во храната и ризикот од рак и дијабетес тип 2, како и дека се потребни дополнителни истражувања за да се потврдат резултатите.

































