Коњите се многу попаметни отколку што се мислеше, велат научниците откако една студија покажала дека животните имале подобри резултати од очекуваното во сложена игра заснована на награди. Истражувачите откриле дека кога на коњите ќе им биде оневозможено уживање поради кршење на правилата на играта, тие веднаш можат да ја променат својата стратегија за да добијат повеќе награди.
Ова покажува дека животните имаат способност да размислуваат и да планираат однапред – нешто што претходно се сметаше дека е надвор од нивните способности, велат научниците од Универзитетот „Нотингем Трент“.
Знаењето како учат коњите може да им помогне на тренерите да ги обучуваат похумано и да ја подобрат нивната благосостојба, додаде тимот.
Кери Иџичи, виш предавач по наука за коњи, вели дека коњите не се природни генијалци, тие се сметаат за просечни, но оваа студија покажува дека тие не се просечни и всушност се когнитивно понапредни отколку што мислиме.
Со цел да разберат повеќе, истражувачите вклучиле 20 коњи со задача составена од три фази. Во првата фаза животните со муцката допирале парче карта за да добијат задоволство. Во втората фаза било воведено светло и на коњите им било дозволено да јадат само доколку ја допрат картичката додека светлото било исклучено. Тимот открил дека коњите слепо ја допирале картичката, без разлика дали светлото е вклучено или исклучено и биле наградени кога ќе го направат тоа правилно. Во третата фаза била воведена казна каде што допирањето на картата при вклучено светлото „стоп“ резултирало со тајмаут од 10 секунди. Но наместо неселективно да ја допираат картичката, тимот откри дека коњите ги почитувале правилата – тие само го правеле движењето во вистинско време за да го добијат своето задоволство.
Истражувачите велат дека ова сугерира дека коњите, наместо да не ги разберат правилата на играта, ги разбирале цело време, но нашле начин да ја играат играта во втората фаза што не барала многу внимание.
Луиз Еванс, докторанд на Факултетот за животни, рурални и еколошки науки, вели дека очекувале дека перформансите на коњите ќе се подобрат кога го вовеле тајмаутот, но биле изненадени од тоа колку е моментално и значајно подобрувањето.
– На животните обично им требаат неколку повторувања на задачата за постепено да стекнуваат ново знаење, додека нашите коњи се подобрија веднаш кога воведовме цена за грешките. Ова сугерира дека коњите цело време ги знаеле правилата на играта – вели Еванс.
Резултатите, објавени во списанието „Аплајд анимал бихејвоор сајенс“, сугерираат дека коњите имаат способност да формираат внатрешен модел на светот околу нив за да донесуваат одлуки и да прават предвидувања, техника позната како учење базирано на модели. Претходно се сметаше дека учењето базирано на модели е премногу сложено за коњите бидејќи тие имаат неразвиен префронтален кортекс, делот од мозокот поврзан со стратегиското размислување. Ова покажа дека не треба да правиме претпоставки за интелигенцијата или чувството на животните врз основа на тоа дали тие се „изградени“ исто како нас.