фото: „Танец“

Концертот „Ритамот на душата, бојата на традицијата“ на ансамблот „Танец“, кој 76 години е македонски код, ќе се одржи вечерва со почеток во 19:30 часот во големата сала од ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп. За концертот имаше голем интерес па влезниците комплетно се распродадоа и вечерва салата ќе биде полна за настапот на играорците на ансамблот „Танец“, кој пулсира во ритам со македонскиот фолклор.
„Танец“ е амблем на нашата традиција, чувар на културната меморија, жив симбол на народната душа, нашиот амбасадор без зборови, кој со танц, песна и носија ја раскажува македонската приказна пред очите на светот.
Во своите чекори, „Танец“ го носи ехото на вековите. Неговите уникатни носии не се само облека – тие се живи документи, везени со историја, емоција и идентитет. Секој конец е сведоштво, секој дезен – порака. Наследство кое, како што се везе шема на платно, така се везе и во колективната потсвест на секој Македонец.
Основан во мај 1949 година со указ од тогашната влада, ансамблот беше создаден од потребата – длабока, исконска потреба – да се зачува она што сме.. Со децении „Танец“ расте, се развива, гради репертоар што станува златна антологија на македонското народно творештво: од длабокото и моќно „Тешкото“, до разиграното „Чифте Чамче“, од комитското јунаштво до нежноста на „Невестинското“.
„Танец“ не е само национална гордост – тој е мост меѓу генерации, меѓу татковината и македонската емиграција ширум светот. Преку својата културна мисија, ансамблот го чува пламенот на традицијата, дури и таму каде што таа е далечен спомен.
Ка.М.