МУЗИЧКА КЛАСИКА ПОД ОТВОРЕНО НЕБО
Скопје летово ќе биде домаќин на еден навистина посебен музички настан. На 6 јули, историскиот двор на „Сули-ан“ ќе се претвори во магична сцена на концерт под ѕвездено небо, каде што ќе настапи еминентниот виолинист и диригент Емилио Перцан, заедно со европскиот оркестар на институтот „Фејмс“, составен од млади музичари од цела Европа. Концертот е дел од меѓународната студентска програма за оркестарска музика и студиско снимање, која се реализира во рамките на европскиот оркестарски изведувачки институт „Фејмс“– единствена ваква иницијатива во Југоисточна Европа.
Публиката ќе има можност да ужива во репертоар што ги обединува Вивалди, Делабако, Пучини и Рихтер – различни музички епохи – од барокот и романтизмот, па до современи композиции со силна општествена порака и со посебен акцент на композицијата „Рекомпонираните четири годишни времиња“ на Макс Рихтер, која претставува модерна реинтерпретација на делото на Вивалди инспирирана од климатските промени.
– Овој концерт е многу повеќе од изведба – тој е прослава на иднината на европската класична музика. Со тоа што младите музичари од различни земји се здружуваат, учат и настапуваат заедно во Скопје, ние градиме уметнички мостови и ја покажуваме моќта на иновацијата во музичкото образование – велат од тимот на „Фејмс“.
Емилио Перцан, кој веќе настапувал на сцени како театарот „Колон“ во Буенос Аирес, Берлинската филхармонија и Концертгебау во Амстердам, ќе се појави во двојна улога – како солист и диригент. Отворениот амбиент во „Сули-ан“ ќе овозможи интимна и несекојдневна атмосфера, совршена за љубителите на класичната музика.
„Фејмс“ е основан во 2022 година. Кофинансирана од проектот „Фејмс“, Европската Унија (Креативна Европа) и Министерството за култура, програмата е дизајнирана да ги подобри уметничките и индивидуалните вештини на младите талентирани класични музичари од Европа со отворање нови иновативни перспективи во обуката, професионализацијата и можностите за изведба, преку иновативна оркестарска музичка програма. Програмата става акцент на разновиден музички репертоар, овозможувајќи им на студентите да истражуваат широк спектар жанрови: класична, филмска, џез, модерна, современа и музика од видеоигри. Целта на програмата е да ги прошири нивните хоризонти и да им овозможи осознавање нови технички вештини и музички стилови, надминувајќи ги традиционалните образовни практики.
Емилио Перцан настапува како солист и концерт-мајстор со различни европски оркестри од 2006 година, соработувајќи со уметници како Викторија Мулова, Даниел Хоуп, Симоне Кермес, Дороте Милдс, Иври Гитлис, Морис Штегер, Јулија Лежнева, Вивика Жено… Покрај својата изведувачка дејност, тој е и страстен педагог. Во 2012 година бил назначен за гостин професор по виолина и камерна музика на Државниот универзитет за уметност и култура во Москва, а од март 2015 година предава виолина на Универзитетот за музика и изведувачки уметности во Грац. Во 2020 година тој бил назначен и на музичката академија „Калаидос“ во Цирих.