Во Изложбениот салон на Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид вечерва, во 20 часот, концерт на класична музика ќе одржат хармоникашите Христијана Матеска и Филип Трајковски.

Матеска е родена во 2003 година во Охрид. Музичкото образование го почнува во ОМУ „Методи Патче“, под менторство на професорот Наум Џуклески. Под водство на професорот Љупчо Колевски, ги продлабочува својата страст и музичка посветеност. Средното образование го продолжува во Скопје, во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, во класата на професорката Зорица Каракутовска. Во моментов Христијана е студентка на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Како солистка и членка на камерни состави, таа бележи значајни успеси на домашната и меѓународната сцена. Христијана е трикратен државен првак во соло-категорија, а заедно со Филип Трајковски го освои и првото место на државниот натпревар по камерна музика. Добитничка е на прво место на меѓународниот натпревар „Охрид, те сакам“ во соло-категорија, како и во категоријата во камерна музика со Филип Трајковски. Исто така, таа е добитничка на прво место на натпреварот по хармоника, кој ја истакнува како музичарка со комплетен и разновиден профил. Со Софија Мирческа беа прогласени за апсолутни победници во категоријата на класични ансамбли на „Италија аворд“, а на Светскиот куп за хармоника во 2023 година го освоија седмото место, претставувајќи ја Македонија на светско ниво. Освен тоа, има забележано настапи како учесничка на Австралиското меѓународно првенство и фестивал на хармоника…

Филип Трајковски учел хармоника кај професорот Бобан Спасенцовски. Паралелно со основното училиште, на шестгодишна возраст го запишале во основно музичко училиште ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, каде што посетувал настава за пијано, а потоа за хармоника. Средното музичко училиште „Илија Николовски-Луј“ го завршил под менторство на професорот Љупчо Колески, а студира на факултетот за музичка уметност во Љубљана, под менторство на професорот Борут Загорански. Филип четири години ја држи титулата државен првак по хармоника во Македонија. Годинава како македонски претставник освои трето место на европскиот куп по хармоника што се одржа во Бјелина, Босна и Херцеговина. Исто така, тој има освоено многу први места и специјални награди на меѓународни натпревари, како што се: „Охрид, те сакам“, „Арт ин“ во Кавадарци, „Сергеј Михајлов“ во Штип, „Полихимнија“ во Скопје, „Акордеон фест“ во Књажевац, Србија, „Дани хармонике“ во Бјелина, Босна и Херцеговина, и други. Филип исто така ја претставуваше Македонија на Светското првенство за хармоника во 2023 година, кое се одржа во Бјелина.

Матеска и Трајковски деновиве имаа успешен концерт во националната галерија „Даутпашин амам“ во Скопје.

На концертот во Охрид, тие ќе изведат дела од Бах, Војтенко, Вјуртнер, Анџелис и Зубитски. Влезот на концертот е слободен за сите љубители на класичната музика.