Вечерва во камерната сала на Македонската филхармонија ќе се одржи концертот „Дијалози со Џанго Рајнхарт“, финален настан од истоимената музичка работилница што целиот изминат месец ги обедини младите музичари од различни делови од Европа во институтот „Фејмс“ во Скопје. Во изминатите две недели учесниците работеа со врвни ментори, истражувајќи ја врската меѓу класичната и современата музика. Нивната посветеност, креативност и размена на културни влијанија ќе кулминираат со овој концерт, на кој публиката ќе има можност да слушне уникатни аранжмани и нови музички перспективи.
Под диригентската палка на реномираниот диригент Тимоти Редмонд, концертот ќе понуди богата програма, која опфаќа различни музички жанрови, а е инспирирана од џипси-музиката. На програмата на концертот ќе бидат изведени дела од Лист, Бизе, Брамс, Барток, Штраус, како и современи дела инспирирани од џипси-музиката. Специјален акцент ќе биде ставен на композициите, кои ќе ги изведе виолинистот Федерико Натан, кој ќе настапи како солист, заедно со гитаристот Жереми Шакр и музичарите Јакопо Мезаноти, Иван Бејков и Филип Динев и целиот оркестар на институтот „Фејмс“.

Програмата вклучува класични ремек-дела, како Втората унгарска рапсодија на Лист, избор од свитата „Кармен“ на Бизе и „Романските танци“ на Барток, но и модерни аранжмани на делата на Џанго Рајнхарт. Публиката ќе има можност и премиерно да ги слушне композициите на Ф. Натан, како „A Balkan Story“ и „Escaping Silence“, кои претставуваат спој на виртуозност и емотивна длабочина.
Програмата се реализира под водство на Тимоти Редмонд, реномиран диригент познат по својата прецизност, музичка експресивност и посветеност кон едукативни и иновативни проекти, професор по диригирање, редовен гостин-диригент со Лондонскиот симфониски оркестар и Кралскиот филхармониски оркестар, коосновач на меѓународните мајсторски курсеви за диригирање „And Other Duties“; и Федерико Натан, реномиран виолинист, познат по спојувањето различни жанрови во своето творештво и професор по гудачки инструменти на музичкиот колеџ „Беркли“ во Валенсија, а повремено настапува како солист со оркестарот „Метропол“ во Амстердам.
– Идејата да се комбинира класична музика со модерен џез е многу важна особено за класичните музичари. Џез-музиката е послободна и прави да размислуваме малку различно. Тоа што го правиме неделава со Федерико Натан ќе им помогне многу на класичните музичари, а истовремено е и многу забавно за изведување бидејќи оркестарот има можност да работи заедно со бендот – изјави Редмонд.
Во рамките на програмата, во која учествуваа 40 млади музичари од Европа на возраст од 18 до 30 години, освен концертната изведба како завршница, ќе биде снимен и професионален албум во студиото на „Фејмс“, каде што студентите ќе имаат можност да се запознаат со студиската опрема и процесот на професионално снимање. Проектот „Безвременски традиции“ е дел од програмата на европскиот оркестарски изведувачки институт „Фејмс“, кој со години е центар за музичко усовршување и интернационална соработка. Преку работилницата, младите музичари имаа можност не само да работат со реномирани уметници туку и да истражуваат нови музички хоризонти.