Авторскиот концерт на Енес Беговски ќе ја спои моќта на перкусиите со убавината на поезијата, носејќи медитативни тонови, балкански призвуци и украинска поетска страст. Денеска, со почеток во 21.30 часот, во атмосферата на барот „Олд скул“, публиката ќе има можност да ужива во едно уникатно концертно доживување каде што ритамот и зборот ќе се претопат во хармонија.
Концертот ја носи идејата за спој на традицијата со современиот звук, на тишината со ритамот и на поезијата со музичката енергија.
Енес Беговски е музичар и композитор чија работа опфаќа музика за театарски претстави и кратки филмови. Како мајстор на уникатниот инструмент хендпен, тој настапувал на голем број фестивали низ Балканот. Неговите последни проекти „Expressions“ и „Shid“ – комбинација од хендпен, електронска и традиционална музика во интеракција со поезија – беа реализирани во Хрватска и во Црна Гора.
На оваа вечер Беговски ќе настапи заедно со специјалните гости Валентин Френкел и Стефан Дивчов. Валентин Френкел е украински музичар што повеќе од една деценија живее во Црна Гора, активен соработник на украинскиот театар во Германија, каде што учествува во проектот „Вилха“, кој во своите настапи го спојува хендпенот со човечкиот глас. Стефан Дивчов е познат тромбонист, кој овој пат ќе се претстави во ново светло, како перкусионист.
Публиката ја очекува вечер исполнета со ритам, поезија и единствено музичко патување што ги надминува традицијата и современоста. Влезот на концертот е бесплатен.