Фото: Пиксабеј

Доматите и компирите немаат ист изглед и вкус, но овие два зеленчука имаат заедничко потекло, кое датира од пред девет милиони години. Имено, кинеските научници утврдиле дека компирите потекнуваат од древен предок – доматот, од кој еволуирале во далечното минато. Дивиот домат, кој растел во Андите, се вкрстил со растението етуберозум (Etuberosum), кое покривало многу површини на планетата пред милиони години. Во текот на долг временски период, генетскиот материјал на двете растенија се измешал, што резултирало со сосема нов вид.
– Доматот е мајка, а етуберозум е татко на компирите, но беше потребно многу време и истражување за да се дојде до овој заклучок – објасни Санвен Хуанг, професор на Кинескиот институт за земјоделска геномика во Шенжен, кој го водеше истражувањето.
Над површината, растението компир изгледа речиси идентично со етуберозумот, велат научниците. Но разликата е јасна – етуберозумот има тенки подземни стебла и му недостасуваат скробните клубени што го прават компирот речиси најпопуларната храна на планетата. За да ги објаснат клубените, научниците побарале одговори на податоците за доматите. Тие откриле дека, иако не произведува клубени, дели впечатливо сличен генетски профил.
– Тие припаѓаат на истото семејство растенија, заедно со модриот патлиџан и тутунот, но доматите, компирите и етуберозумот се генетски најблиски – забележа Хуанг.
Истражувачкиот тим анализирал 450 геноми од култивирани компири и 56 диви вида. Според Жанг Жанг, авторот на студијата, ова е една од најголемите колекции на геноми на див компир што некогаш се анализирани, објавија британските медиуми во дел од студијата што беше неодамна објавена во списанието „Сел“. Тимот откри дека два гена се клучни за создавање клубени – SP6A, кој се наоѓа во доматите, и IT1, кој се наоѓа во растението етуберозум. Ниту еден ген не е доволен сам по себе, но кога се вкрстуваат, како што се случи со растението компир, тие комуницираат, предизвикувајќи моќен процес што ги трансформира подземните стебла во скробни, вкусни клубени.
– Студијата е револуционерна бидејќи покажува како хибридизација може да создаде нова лоза со голем број видови – објасни Џејмс Малет, професор по еволутивна биологија на Универзитетот Харвард.