Фото: Приватна архива

В понеделник, на 3 јуни во Домот на култура во Ѓорче Петров од 12 часот, ќе се одржи комеморација за неодамна починатиот естраден и спортски менаџер Велибор Џаровски- Џаро.
Настанот симболично се организира на 40-тиот ден од смртта на Џаровски и токму на местото каде што ги организирал првите концерти и игранки. Ќе зборуваат неколку македонски музички ѕвезди и пријатели на Џаро со кои соработувал и се дружел во текот на менаџерската кариера во која организираше 5.000 концерти во поранешна Југославија.
„Како што во Југославија докажував дека Македонија не е културна провинција, така и Скопје го уверив дека ни Ѓорче Петров не е провинција“, рече Џаровски во автобиографската книга „Живот на коцка“ која излезе минатата година.
Идејата на овој начин да се сочува споменот на стариот ѓорчепетровец е на Општина Ѓорче Петров и на градоначалникот Александар Стојковски, кои заедно со семејството ја организираат комеморацијата.