Серијал за бездомните кучиња, милениците и за сите љубители на животните (8)
- Серијал текстови за кучињата скитници, милениците и за сите љубители на животните, подготвени од Илија Петковски, кој магистрира екологија и животна средина на „Сорбона“ во Париз, излегуваат на викенд-страниците на рубриката Магазин во „Нова Македонија“. Низ текстовите авторот ќе понуди современи хумани решенија за решавање на проблемот со бездомните кучиња и за состојбата во државата во врска со овој проблем. Целта е издигнување на јавната свест за благосостојбата на животните на научна основа и отворање дебата за оваа тема, со цел да се создаде похуман свет за сите. Текстовите провоцираат научна дебата за бездомните кучиња во Македонија, фокусирана на еколошката нерамнотежа и хиперпопулацијата наместо на емоции и холивудски стереотипи. Фокусот на текстовите понатаму ќе се сведе и на одговорното сопствеништво на милениците.
Во јавниот дискурс кај нас повеќе години, а особено последниве денови, доминира „теоријата на комбе“ – идејата дека глутниците кучиња во Скопје и во другите градови се резултат на организирано транспортно префрлање од една општина во друга. Тоа е говор на страв и немоќ, не на наука. Да бидеме јасни: не може апсолутно да се исклучи дека, во изолирани случаи, поединци или групи можеле да транспортираат некои единки; човечкиот свет е комплексен и импровизиран. Но тие маргинализирани случки не можат да ја оправдаат тезата дека глобалната динамика на популацијата се движи со камиони – таа се движи според ресурси, биологија и простор, не според некакви тајни логистички сценарија. Глутниците не се внесуваат како стока; тие мигрираат сами, со километри поминати секој ден, барајќи храна, вода, засолништа и можности за размножување – тоа е познато од светски истражувања што користат ГПС-тагови и анализа на движењето на слободно движечки кучиња во урбани средини.
Миграцијата на популацијата не е случајна – тоа е еколошка потреба. Глутниците што денес ги гледаме во урбаните средини не влегле преку порта „Македонија“ со комбе; тие ги следат ресурсите во изменетиот простор што го создава човекот. Кога се чистат депонии или кога се создаваат нови, кога се реновира некој запуштен простор или, пак, се запушта некој друг, кога се менуваат инфраструктурни конфигурации: живите системи реагираат. Ова е научно потврдено и кај урбаните диви видови: промените во живеалиштето – особено отстранување ресурси – го менуваат нивниот просторен опсег, па животните или мигрираат кон други места или ги менуваат своите шеми на активност. Ова не е „теорија“, туку еколошки закон што важи за сите урбано адаптирани популации.
Во тој контекст, во Скопје, актуелното модернизирање во управувањето со сметот со редовно собирање и поставување подземни контејнери, чистење депонии – како Вардариште и други нелегални депонирани локации, како и модернизирањето на Дрисла – се важни и позитивни мерки за јавно здравје и квалитет на животот. Намалувањето на отпадот и потенцијалните збирни точки за храна значат намалување на ризиците од инфекции, паразити и други здравствени закани, како што посочуваат и локалните програми за справување со популацијата на бездомни кучиња. Во исто време, навистина е прецизно да се истакне дека чистењето не е цел сама по себе – тоа е дел од системско решение што мора да оди со стерилизација, одговорно сопствеништво и едукација. Само така ресурсите што ги привлекуваат животните се намалуваат, а тоа, според научни модели за управување со популации, директно влијае на намалување на бројот преку намалена репродукција и намалена емисија на нови единки на улица.
Зошто „митот за Албанија“ е лесна фантазија, а не факт?
Последната варијанта на наративот што ја слушаме денес е дека некои кучиња се „дислоцирани од соседни држави, како Албанија“. За да се влијае на глобалната динамика на еден градски систем, такви случаи би морало да бидат масовни, систематски и директно документирани од граничните служби и ветеринарските регистри. Ништо слично не е објавено. Напротив, локалните служби што ја следат популацијата на кучињата забележуваат дека основниот извор на популацискиот притисок не е увозот, туку непроцесираната слободно движечка популација, која живее самостојно на депонии и во рурални средини. Паралелно, важно е да се спомене официјалната информација, дека индивидуалци од Македонија извезуваат, токму во комбиња, илјадници бездомни кучиња во ЕУ-членките и Велика Британија, што исто така не влијае позитивно во намалувањето на бројката на бездомни единки во Македонија. Според истражувањата за урбано адаптирани бездомни кучиња, движењето и распределба во градските средини е тесно поврзано со достапноста на ресурси, територијалните структури и социјалната организација на групите (Coppinger et al., 1987; Daniels et al., 2020). Моделите познати како „source–sink dynamics“ се користат за објаснување на тоа како одредени области (извори) продуцираат нови единки што мигрираат кон други области (приемници) кога локалните ресурси се менуваат или се намалуваат. Овие концепти не се апстрактни: тие се емпириски поткрепени со ГПС-следење и теренски набљудувања, кои покажуваат дека кучињата се движат самостојно, следејќи ги просторот и ресурсите, а не според организирани транспортни активности. Следствено, локалните служби што набљудуваат популации можат да идентификуваат клучни извори и зони на концентрација, но тоа не подразбира дека глобалната динамика на популацијата зависи од човечкиот транспорт, туку од природните адаптивни реакции на животните на променливата урбана средина. Таа популација се зголемува и со несоодветни практики на неодговорно сопствеништво, напуштање и неконтролирано размножување на домашни миленици, особено во руралните и периурбаните средини каде што буквално никаква акција не е преземена со децении.

Миграцијата е природна, не мистериозна
Постојат истражувања што покажуваат дека териториите на слободно движечки кучиња можат да се менуваат значително во зависност од ресурсите: кога има повеќе храна и засолништа, тие остануваат подолго; кога ресурсите исчезнуваат – тие се движат подалеку, најчесто по самиот простор на градот и неговата периферија.
Ова е целосно во согласност со емпириските сознанија што произведуваат такви карти на движење и миграција за урбани популации, кои не само што покажуваат движење во рамките на едно маало туку и поминување значајни дистанци кога ресурсите се редистрибуирани или кога постојат сезонски притисоци.
Впрочем, ова е оној феномен што научниците го гледаат и кај други градски видови што имаат адаптибилни стратегии: тие го користат урбаниот пејзаж како еколошки коридор, а не како затворен систем што не се менува. Ниту еден научен труд за ова не ја сугерира идејата за „комбе со кучиња“ како релевантен демографски фактор.
Практичниот предизвик на заловувањето
Да се залови една единка не е едноставно. Локалните тимови на јавните претпријатија во Македонија имаат возила и екипи со специјално обучени заловувачи и минимум едно дозволено лице со инструмент за седатирање. За да се залови, истовари, стерилизира и третира едно куче мораат да се ангажираат тим обучени заловувачи, ветеринарен лекар со одобрение за седација, возило со сигурни кафези, логистика за хранење и следење, постапки за стерилизација, вакцинација и идентификација…, да се организира сцена како „префрлање цела глутница низ граничен премин“ е логистички непрактично, ризично и лесно забележливо – потребни се ресурси што никој нема анонимно да ги задржи. Сложеноста на овој процес е толку голема што би оставило официјални траги. И во таа целосна врвна дискреција, ќе се отворат вратите на комбето среде Карпош пред „Сити мол“?
Токму затоа реалните движења што се најавуваат низ фотографии од камери на „Сејф сити“ најприродно и логично се толкуваат како самоорганизирано движење на кучињата што самите ја истражуваат средината, бараат нови извори и реагираат на променети услови – она што науката го нарекува модели на просторна екологија на урбани видови.
Постојните податоци не ја поддржуваат идејата за масовно транспортно префрлање на кучињата со комбе. Ресурсите, миграцијата, адаптацијата – тоа е реалност.
Затоа, за да се справиме со проблемот на одржлив и траен начин, мора да ги разбереме вистинските механизми што ги движат овие животни – не да бараме виновници, туку да бараме решенија.
Илија Петковски
































