Дали е точна познатата препорака дека осум чаши вода дневно се доволни за задоволување на потребите на организмот? Топлотниот бран силно ја погоди Европа, вклучувајќи ја и Македонија, а соодветната хидратација е клучна превентивна мерка. Докторот Михал Домашевски, кој води медицински канал на Јутјуб, во едно од своите видеа објаснува колку вода всушност треба да пиеме во екстремно топлите денови.
Според него, потребното количество вода зависи од многу фактори, меѓу кои полот, телесната тежина, надворешните услови и интензитетот на физичката активност. Според Михал, спортистите треба да пијат најмногу вода, како и жените што дојат или бремените жени, особено во лето. Според препораките на лекарот, средовечен маж со тежина од околу 75 килограми треба да пие 2,3 литри вода дневно, жените треба да пијат 1,6 литар вода дневно, бремените жени може да пијат два литри вода дневно, а доилките може да внесуваат до три литри вода дневно. Овие препораки важат за луѓе со умерено активен животен стил и на надворешна температура од околу 21 Целзиусов степен. Кога температурите се екстремно високи, на пример 35 Целзиусови степени и повеќе, потребно е да се внесува повеќе вода. Според докторот, во такви услови треба да се додаде уште по литар вода. Спортистите што интензивно тренираат на високи температури можат да пијат и до девет литри вода дневно.
Тој не препорачува брзо консумирање големи количества вода бидејќи тоа може да доведе до прекумерна хидратација.
– Слушајте го вашето тело и реагирајте на знаците на дехидрација. Симптомите на дехидрација кај возрасни и деца се: чувство на жед, темножолта урина со силен мирис, вртоглавица или зашеметеност, замор и слабост, сува уста, суви очи, намалено количество урина. Дехидратацијата може да се случи полесно ако имате дијабетес, повраќање или дијареа, долготрајно се изложувате на сонце, пиете премногу алкохол, имате висока температура и пиете лекови што предизвикуваат почесто мокрење – вели д-р Домашевски.