Фото: Пиксабеј
  • Живееме во ера во која личното задоволство е важно. Ако бракот не ни овозможува задоволство бидејќи не чувствуваме дека сме на иста страна со нашиот партнер или ако романтиката исчезнала, тогаш разводот е подостапна опција

Некогаш главниот фактор што влијаел на тоа дали бракот ќе биде успешен или не било однесувањето на сопружниците. Сега тоа е нешто друго. Интригантно ново истражување базирано на искуствата на луѓето што неодамна се развеле подетално испитува некои од причините за развод, осветлувајќи ги најчестите фактори што ги тераат паровите секој по својот пат.
Истражувањето испитало 2.371 неодамна разведен човек, при што им било побарано да изберат повеќе од една причина за развод. Најмногу учесници, 47 отсто од нив, одговориле дека причината за развод е недостиг од љубов или интимност. Следната најчеста причина се проблемите во комуникацијата. Околу 44 отсто од учесниците го одбрале тој одговор. Истражувачите објасниле дека тоа може да значи дека секој сопружник има различен стил на комуникација или дека едниот повеќе сака да комуницира отколку другиот. На третото место е недостиг од симпатија, почит или доверба, па 34 отсто од учесниците го одбрале овој мотив. Инаку, оваа причина се искачи од четвртото на третото место, а истражувачите објасниле дека тоа би можело да значи дека секој сопружник развил различни вредности од оние што ги имал пред стапување во бракот.
Авторите на новата студија истакнале дека одговорите што ги дале учесниците биле емотивни и лични. Сепак, причините поради кои луѓето се разведувале во изминатите години обично се базирани на однесувањето на партнерите.
– Трите најчесто наведени мотиви од испитаниците во нашето истражување може да се смета дека ги одразуваат романтичните, емотивните и меѓучовечките аспекти на врската. Соодветно на тоа, овие наоди се сметаат за поддршка на поновите резултати од истражувањето. Имено, мотивите на однесување, како насилство и зависности, со текот на времето опаѓале, додека психолошките и емотивните мотиви за развод се зголемувале. Во основа, живееме во ера во која личното задоволство е важно. Ако бракот не ни овозможува задоволство бидејќи не чувствуваме дека сме на иста страна со нашиот партнер или ако романтиката исчезнала, тогаш разводот е подостапна опција. Како може бракот да опстане и кои се сигналите на кои треба да обрнат внимание партнерите за да имаат поголеми шанси да го зачуваат брачниот живот? Ако не сте задоволни, ако поминувате малку време во друштво на вашиот партнер или забележувате значајни промени во врската, обратете внимание. Токму тоа може да биде аларм – вели Рејчел Нидл, авторка на студијата.