Во просториите на „Мала станица“, вечерва, во 19 часот ќе се отвори изложбата насловена „Тука, но некаде другаде“. Оваа групна изложба е копродукција на непрофитната организација за промоција на женската активност „Тиииит! Инк“ (Скопје) и галеријата ШКУЦ (Љубљана). Изложбата „Тука, но некаде другаде“ ги истражува универзалните човечки искуства на мобилност, движење и припадност преку лични приказни. Таа прикажува дела на седум уметници, чии практики комбинираат локални и регионални перспективи. Делата на Невена Алексовски, Елена Чемерска и Ивана Мирчевска, Ана Чворовиќ, Андреа Кнезовиќ, Илија Прокопиев и Ленка Ѓоројевиќ ги вткајуваат заедно динамиката на раселеноста, транснационалните идентитети, колективноста и променливото чувство на припадност на оние што ги минуваат границите. Кураторка на изложбата е Јана Старделова.
Комплексноста на чувството на вдоменост
– Кој може да одлучи да се пресели, а кој е принуден да остане? Или, пак, важи обратното? Како што пишува Бел Хукс во „Припаѓање: култура на место“: Размислите за местото, за тоа каде припаѓаме, се постојана тема за многумина од нас… Ова особено важи за уметниците во „Тука, но некаде другаде“ (1), кои ги поканив да ги истражуваат универзалните човечки искуства на мобилност, движење и припадност преку лични приказни. Заземајќи децентрализиран пристап, изложбата ги прикажува делата на седум уметници, чии практики комбинираат локални и регионални перспективи. Делата на Невена Алексовски, Елена Чемерска и Ивана Мирчевска, Ана Чворовиќ, Андреа Кнезовиќ, Илија Прокопиев и Ленка Ѓоројевиќ ги вткајуваат заедно динамиката на раселеноста, транснационалните идентитети, колективноста и променливото чувство на припадност на оние што ги минуваат границите. Нивните дела истражуваат интимни картографии на припадноста – без разлика дали е доброволна, присилна или замислена, низ времето. Користејќи еклектични уметнички пристапи и разновидни медиуми, уметниците се водеа од поимот „диференцијална припадност“ на Ејми Каријо Роу (2), или движење помеѓу различни видови припадност што нѐ држи на штрек и нè поттикнува да се справиме со начините на кои сме угнетувани и привилегирани. Тие се впуштија во потрага по припадност што наместо идентитетски политики истражува различни форми на (со)егзистенција – вели Старделова.
Уметничките дела ја истражуваат комплексноста на чувството на вдоменост на повеќе од една локација. Транснационалните наративи одекнуваат низ делата, поттикнувајќи идеи за припадноста што ги преминуваат границите и ги поврзуваат поединците со повеќе простори и заедници. Наместо да го романтизираат концептот на домот, тие ја проучуваат лиминалноста и „изнаоѓаат начин да направат простор за нашето вистинско јас“ (3). Неизбежно, ранливоста е вткаена во личните приказни: себеприфаќањето во процесот на приспособување на новите средини е патување само по себе.
Да мислиме на луѓето наместо на географиите
– Различноста на културите од дијаспората е видлива во многу од делата. Користејќи различни стратегии, како што се автоетнографија, психогеографија, лични генеалогии, делата раскажуваат приказна за универзалноста што преминува отаде бинарниот свет. Невена Алексовски го користи минатото како суровина, претворајќи го во извор на истражување на критичкото размислување. Личното и заедничкото се вкрстуваат во делото на Алексовски, приказните и практиките од минатото се поврзуваат за да создадат понијансирано разбирање на историјата на уметницата, како и на нашата заедничка историја. Резонирајќи со универзалните обреди на премин, порталот на Илија Прокопиев нѐ потсетува на потенцијалот што се буди кога сме подложни на промени. Како еден од најдиректните симболи на границите и диференцијацијата, Ленка Ѓоројевиќ го реупотребува знамето во нетипичен простор. Во време кога е забрането да се истакнуваат одредени знамиња, уметницата нѐ повикува да го преиспитаме овој симбол. Телото во движење е исцрпено тело. Елена Чемерска и Ивана Мирчевска ги истражуваат последиците од телесната исцрпеност на пресекот на деградацијата на животната средина и влијанието на неолибералниот капитализам. Глорија Анзалдуа забележа дека „граничниот појас е нејасно и неодредено место создадено од емоционалниот остаток на неприродната граница“. Инсталациите на Ана Чворовиќ ја разгледуваат улогата на границите и ги пренесуваат психолошките ефекти од војната и миграцијата. Дијаграмот на Андреа Кнезовиќ нѐ поканува да истражиме што се крие во нас и во каква интеракција е со надворешната реалност – вели Старделова.
Замислена како долгорочна иницијатива, изложбата нè предизвикува да мислиме на луѓе наместо на географии, да ги замениме омразата и стравот со солидарноста. Наместо да има цел да прикаже фиксна перспектива или да докаже нешто, таа го свртува погледот кон промената, како се стигнува до неа и како таа влијае на нас и нашите заедници. Изложбата ќе биде отворена за посета до 4 ноември. В.Д.