- Во лондонскиот „Сотби“, дури 17 дела на еден од најплатените уметници денес се продадени за повеќе од шест милиони фунти, додека во Париз на предаукциската изложба, исто така во „Сотби“, се најде и иконичното дело „Црна магија“ на големиот надреалист Рене Магрит
Во светот на пазарот на уметнички дела во изминатиот период беше бурно. На аукцијата во лондонскиот „Сотби“ вкупно 17 дела на Дејвид Хокни, еден од најплатените сликари денес, создадени на ајпад, беа продадени за 6,2 милиони фунти, додека во Париз на аукциска изложба беше едно од најпознатите дела на големиот надреалист Рене Магрит, иконичната „Црна магија“.
„Гардијан“, заедно со другите странски медиуми, ги пренесува двете вести. Што се однесува до Хокни, истакнува „Гардијан“, станува збор за цртежи од приватна колекција и од серијата „Доаѓање на пролетта во Волдгејт“. Истовремено тоа е најголемата група дела на Хокни направени на ајпад што се појавила на пазарот одеднаш.
Делата биле понудени поединечно, со проценети вредности што се движеле од 80.000 до 180.000 фунти во зависност од цртежот, а вкупната сума за која на крајот биле продадени всушност е дуплирана во однос на очекувањата, при што најскапиот цртеж бил платен дури 762.000 фунти.
Дејвид Хокни и неговите цртежи создадени на ајпад
Кога Дејвид Хокни се преселил од топлиот американски Беверли Хилс во студениот британски Бридлингтон, се соочил со практични проблеми: како да слика надвор во Јоркшир во јануари кога имал седумдесет години и бил чувствителен на студ, а идејата била да го наслика во фази постепеното доаѓање на пролетта на локалниот селски пат и да работи на отворено. Тогаш се родило решението – користење ајпад. Овие цртежи првпат се прикажани на неговата блокбастер-изложба во 2012 година во Кралската академија за уметност во Лондон.
Џесика Маркс, шефица на Одделението за графика во „Сотби“, изјави дека продажбата на отпечатоци од цртежи настанати на ајпад е релативно ретка.
– Во речиси една деценија низ светот продадовме само 24 Хокниеви цртежи настанати на ајпад, а само половина од нив беа од оваа серија. Значи, да се видат вкупно 17 дела на една аукција е невидено – додаде таа.
Таа изјави дека вистински впечаток за делата не може да се стекне преку фотографии, туку тие мора да се видат одблиску за да може правилно да се проценат нивното „присуство и влијание“.
– Отпечатоците се интензивни, живописни и полни со живот. Искрено, причината зошто не ги продаваме толку често е тоа што луѓето едноставно не сакаат да се разделат од нив. Толку се вредни – нагласи таа.
Хокни, инаку, е познат како еден од раните корисници на ајпадот што „Епл“ го лансираше во 2010 година. Уметникот почнал да го согледува неговиот потенцијал, за денес да биде еден од оние чиј сегашен креативен ангажман се поврзува со овој медиум.
Суперѕвездата на надреализмот
Сликата на Магрит, која се смета за суперѕвезда на надреализмот – „Црната магија“, и која пред деведесет години уметникот му ја продал на семејството на хероината на отпорот од Втората светска војна, достигна цена повисока од седум милиони евра. Имено, од 1934 година делото на познатиот надреалист било во сопственост на семејството. Сепак, фамилија му била добротвор во време кога тој се борел со финансиски проблеми и не успеал да продаде ниту едно дело речиси две години.
Како што велат од „Сотби“, никој во тоа време не купувал слики од надреалистите, затоа што ги сметале за револуционерни, проблематични луѓе. Алис Лорж, сестрата на Сузан Спак, која Гестапо ја погубил во нејзината ќелија неколку дена пред ослободувањето на Париз во 1944 година затоа што со години му помагала на еврејско дете да го избегне холокаустот, ја купила „Црната магија“ за да го обележи раѓањето на своето прво дете со Емил Хапе, белгиски индустријалец.
– Сликата била купена за да се обележи раѓањето на дете и тоа било повторно враќање за Магрит, кој се борел да застане на нозе. Првпат држев големо дело на Магрит во рацете што било во истото семејство од кога е насликано. Исклучително е, како и историјата на семејството. Оваа слика е суперѕвезда на надреализмот. Ако побарате од група ученици да одржат презентација за надреалистичкиот правец, само оваа слика би била доволна да го дефинира – раскажал Томас Бомпар, потпретседател на францускиот „Сотби“.
Како што е нагласено, моделот за жената претставена на сликата била сопругата на Магрит, Жоржет Берже, која е прикажана на класичен начин, потсетувајќи на мермерна статуа како ја одмора раката на камен блок, а на рамото има бела гулабица. Нејзиниот горен дел од телото постепено се стопува со небото зад нејзиното тело, додека долната половина ја задржува својата природна боја. Магрит подоцна наслика десет слични портрети, од кои повеќето добиле различни имиња. Сликата била изложена во музејот „Магрит“ во Брисел.


































