Фото: Пиксабеј

Серијал за бездомните кучиња, милениците и за сите љубители на животните (10)

Емпатијата во секое зрело општество треба безрезервно да застане на страната на жртвата – уште од моментот на пријавата, па сѐ до институционалната разврска. Сепак, во случаи на каснување од куче, жртвите често се соочуваат со сомнеж, релативизирање и јавна стигматизација, дури и кога постои правосилна судска одлука што им го признава статусот на жртва. Овој парадокс открива сериозен дефицит на социјална чувствителност и потреба од поодговорен, фактички и хуман пристап кон нивното искуство. Во македонскиот простор, темата за угризите од бездомните кучиња речиси секогаш се отвора како морална расправа за хуманост, но многу поретко како прашање за човекова безбедност и институционална одговорност. Во таа дебата гласот на жртвите често останува тивок, маргинализиран или потиснат, па наместо солидарност, тие добиваат сомнеж, прашања дали „испровоцирале“, дали „претеруваат“ или дали „само бараат пари“.
Така, физичката повреда се дополнува со социјална стигматизација што ја продлабочува траумата уште пред да почне вистинското лекување.
Кучињата создаваат специфични траги и механички својства на раната што се утврдуваат од судски вештаци во секоја правна процедура. Длабочината, обликот и распоредот на раните, потоа траекторијата на крвта и лузните, јасно покажуваат дека станува збор за силен, локализиран и природен притисок на кучешка вилица, кој не може да се постигне со човечка сила, со виљушка или со метални предмети во домашни услови. Вештачењата ги детектираат правецот на каснување, дистрибуцијата на налетот на сила и оштетувањата на ткивата, што е невозможно да се имитира.
Со други зборови, обвинувањата дека некој „сам си се каснал“ се ненаучни, биомеханички невозможни и лесно се демантираат со стандардни ветеринарно-криминалистички вештачења. Секако дека секој обид за злоупотреба и манипулација мора остро да се казни за да се спречат евентуалните идни обиди за такви девијации во име на сите жртви од угриз.
Во анализата на каснувањата од кучиња во Македонија, особено загрижува фактот дека најизложени на ризик често се лица од ранливи социјални групи, меѓу кои значајно место зазема ромската заедница. Дел од овие лица, поради својата социјална и економска маргинализација, често живеат близу депонии и напуштени периурбани територии каде што се наоѓа исто така главниот извор на бездомната популација на кучиња. Тој извор сѐ уште е игнориран од оние што треба да спроведуваат ефикасни решенија за справување со хиперпопулациската криза со бездомната популација на кучиња, која ни претстои. Ниту една мерка за контрола на слободно движечките популации не е спроведена директно во нејзиниот депониски и рурален извор. Сѐ уште се третираат само симптомите во строго урбаните средини, кои се врвот на сантата. Дел од ранливите социјални групи живее токму во непосредна близина на јавни простори каде што се присутни бездомни или полубездомни кучиња и нема пристап до системски механизми за заштита, надзор или интервенција. Од друга страна, пак, друг дел од ромските семејства честопати живее во густо населени урбани области со ограничени инфраструктурни и безбедносни ресурси каде што повторно е изложен на истиот ризик, особено децата, кои се движат во непосредна близина на бездомни кучиња што редовно се толерираат од околината.
Во вакви услови, логично е истите членови на семејство да бидат изложени на повторни угризи, особено доколку животното не се отстрани од јавниот простор или не се превенира повторното враќање. Ова укажува дека проблемот е системски и не е последица на однесувањето на жртвите, туку на недоволно регулираниот простор и недостигот од институционална заштита.
Со други зборови, дел од ранливите групи не се „повеќе ризични по природа“, туку се повеќе изложени поради социјални и просторни фактори, што ја нагласува потребата од системски пристап, кој ќе обезбеди заштита и превенција за сите граѓани без разлика на нивната социјална положба.
Глобалните податоци покажуваат дека каснувањата од кучиња не се маргинален проблем и понекогаш се користи терминот „епидемија од угризи“. На светско ниво, милиони луѓе годишно се каснати од кучиња, сопственички и улични, додека дел од нив завршиле фатално најчесто поради напади врз деца и стари лица, но и поради зоонозите пренесени од болното животно. Ова ги става повредите во доменот на јавноздравствените интервенции, а не на изолирани „животински инциденти“. Во таа глобална реалност, најважниот факт што често изостанува од јавната дебата е дека најголемиот дел од овие каснувања доаѓаат од животни што жртвата најчесто ги познава.
Во македонскиот контекст, освен сопственичките кучиња од нашата околина, ова ги вклучува и оние што во јавноста често се нарекува „маалски кучиња“ – животно што живее пред зградата, кое сите го хранат и толерираат, но никој формално не го носи како своја одговорност. Во многу случаи токму едно од тие „познати“ кучиња е изворот на инцидентот. Но ова не треба да биде стимул за префрлање вина врз жртвата, туку за пренасочување на одговорноста таму каде што ѝ е местото – кај системот што дозволува сива зона меѓу сопственичко куче и „згрижено“ животно без јасен носител на одговорност.
Кога каснувањето доаѓа од сопственото куче, неизбежно се отвора прашањето дали сопственикот презел соодветни мерки на контрола, обука и социјализација. Кога станува збор за соседско куче, се поставува прашањето најнапред дали истиот тој навистина е сопственик на чипиран миленик или, пак, е во сивата зона на сопственоста каде што тој само згрижува бездомно куче, кое не е чипирано и не му припаѓа никому.

Во Македонија, нападите од бездомни и „полубездомни“ кучиња редовно се присутни во медиумите, а илјадници граѓани пријавуваат напади секоја година и милиони евра се исплаќаат за обесштетување на жртвите. Иако локалните власти издвојуваат значителни средства за заловување, стерилизација и третман, јавноста ретко добива јасна анализа дали овие мерки суштински го намалуваат ризикот. Ретко се прави јасна разлика меѓу целосно бездомни кучиња и оние што се фактички „под грижа“ на поединци, но без правна одговорност. Така се создава илузија дека проблемот е само во контролата на бездомните животни, додека суштината на инцидентите често останува во сивата зона на сопствеништвото, кое стимулира неконтролирано размножување преку слободното „чување“ куче.
Во целата оваа дебата занемарена е една друга, можеби уште поважна димензија – психолошката последица. Каснувањата не завршуваат со физичката рана, тие отвораат трауми што можат да траат со години. Особено кај децата, долготраен страв, избегнувачко однесување, вознемиреност при помисла на животни, па дури и симптоми на посттрауматски стрес се документирани ефекти. Наместо автоматски механизам за психолошка поддршка, жртвата често останува сама да се справува со последиците – со сопствените стравови, со неприфаќањето од заедницата и со воспоставените наративи што ја маргинализираат нејзината болка.
Затоа е потребен системски пристап преку мултидисциплинарен модел што ќе ги обединува медицинската, правната и психолошката поддршка, но истовремено длабоко ќе се врзува со превентивната едукација.

Целта не е конфронтација меѓу љубителите на животни и жртвите – туку воспоставување рамнотежа меѓу хуманоста и безбедноста. Едукацијата за препознавање ризично однесување кај кучињата, правилната социјализација и одговорното сопствеништво се клучни елементи во намалување на бројот на инциденти, но тие не можат да бидат единствена одговорност на поединецот кога институционалните структури не обезбедуваат јасни механизми за превенција, анализа и за обесштетување.
Зрелоста на едно општество не се мери само по степенот на хуманост кон животните, туку и по способноста да ги заштити своите граѓани.
Наместо да ги игнорираме бројките, да ги затскриваме појавите со емоции или да ги премолчуваме трагедиите што стојат зад секоја форма на траума, мораме да поставиме солидни основи за институционална одговорност, научно базирани политики и широко општествено согледување на проблемот. Само така ќе можеме да изградиме заедница што истовремено е хумана кон животните и грижлива за безбедноста, благосостојбата и интегритетот на своите граѓани.


Серијал текстови за кучињата скитници, милениците и за сите љубители на животните, подготвени од Илија Петковски, кој магистрира екологија и животна средина на „Сорбона“ во Париз, излегуваат на викенд-страниците на рубриката Магазин во „Нова Македонија“. Низ текстовите авторот ќе понуди современи хумани решенија за решавање на проблемот со бездомните кучиња и за состојбата во државата во врска со овој проблем. Целта е издигнување на јавната свест за благосостојбата на животните на научна основа и отворање дебата за оваа тема, со цел да се создаде похуман свет за сите. Текстовите провоцираат научна дебата за бездомните кучиња во Македонија, фокусирана на еколошката нерамнотежа и хиперпопулацијата наместо на емоции и холивудски стереотипи. Фокусот на текстовите понатаму ќе се сведе и на одговорното сопствеништво на милениците.

Илија Петковски