Серијал за бездомните кучиња, милениците и за сите љубители на животните (9)
- Серијал текстови за кучињата скитници, милениците и за сите љубители на животните, подготвени од Илија Петковски, кој магистрира екологија и животна средина на „Сорбона“ во Париз, излегуваат на викенд-страниците на рубриката Магазин во „Нова Македонија“. Низ текстовите авторот ќе понуди современи хумани решенија за решавање на проблемот со бездомните кучиња и за состојбата во државата во врска со овој проблем. Целта е издигнување на јавната свест за благосостојбата на животните на научна основа и отворање дебата за оваа тема, со цел да се создаде похуман свет за сите. Текстовите провоцираат научна дебата за бездомните кучиња во Македонија, фокусирана на еколошката нерамнотежа и хиперпопулацијата наместо на емоции и холивудски стереотипи. Фокусот на текстовите понатаму ќе се сведе и на одговорното сопствеништво на милениците.
Во сите сфери каде што се согледуваат декадентност, заостанување и неподносливо повторување на минатите лоши практики, има три причини: историска (намерно создадена), социолошка (незаинтересираност на мнозинството) и политичка калкулација (избегнување промени и ризици). Оваа колумна, иако се однесува на животните, ја разгледува проблематиката низ призма на општествените феномени што директно влијаат врз екологијата и здравјето на животните и на човекот.
Во развиените земји ветеринарната професија е нераскинливо поврзана со концептот „Едно здравје“ (One Health), каде што здравјето на луѓето и на животните се третира како една целина. Ветеринарите се рамноправни партнери со хуманите лекари во одржувањето на јавното здравје. Од универзитетските клупи до крајот на професионалната кариера, здравјето на човекот е во фокусот на ветеринарните доктори преку здравјето на животните и системот што ги опфаќа.
Кога овци, кози или домашни миленици заболуваат, тоа не претставува единствено „животински проблем“: болеста може да се пренесе преку млеко, месо, јајца, допир, а истовремено влијае и врз економијата. Таква состојба се случи во последните 18 месеци во соседна Грција, каде што властите пријавија близу половина милион усмртени животни како дел од ветеринарните мерки за сузбивање на епидемијата. Протоколите бараат целата фарма да се уништи ако се регистрира еден случај, што значи дека една заразена овца или коза води до уништување на целото стадо. Ова не претставува само статистика – тоа е брутална илустрација колку е кревок системот без силна ветеринарна струка и ефикасни здравствени мерки. Истовремено тоа говори и за зрелоста на едно општество што поставило норми и стандарди спроведени од професионалци што се грижат за здравјето и благосостојбата на луѓето, но и на сите други животни без истите тие да ги класира во некаква субјективна хиерархија, каде што кучето е „на врвот“.
Маргинализацијата на ветеринарната професија во Македонија има подлабоки корени од економската неатрактивност. Таа е симптом на системско занемарување на една цела професија што треба да ја штити врската меѓу јавното здравје, прехранбената безбедност и економијата. Ниската привлечност за студии и професионално остварување укажува на недостиг од поддршка и стратегија за оваа област. За жал, веќе е нормализирано да се постави стоматолог за директор на Агенцијата за храна и ветеринарство и туристички водич за директор на најголемиот стационар за бездомни кучиња во земјата. Тие сигурно квалитетно си ги извршуваат задачите, бидејќи ниту една институција досега не пронајде недостатоци во нивната работа. Но, сепак, станува збор за отворено деградирање на ветеринарската професија. Зарем ниту еден ветеринарен доктор не е соодветен за квалитетно да ги извршува овие задачи, кои директно ги засегнуваат струката и јавното здравје? Дали еден ден и претседателот на Ветеринарната комора нема да биде ветеринарен доктор поради тие причини?
Маргинализацијата на професијата е симптом на систем што ги исклучува стручните гласови од клучните одлуки. Наместо единствениот критериум да биде компетентноста на експертот, како гости во медиумите, учесници на панел-дискусиите со локалната самоуправа, како и дел од одредени работни групи за кроење закони, често се вклучуваат лица чие најголемо достигнување е гласност на социјалните мрежи, базирана на емоционален активизам и капацитет на мобилизација во негативни кампањи. Активности поврзани со масовни нетранспарентни и неетички извози на бездомни кучиња, хордашење, хранење бездомна урбана популација доведена во состојба на дебелина, учество во оркестрирани масовни валкани негативни кампањи на социјални мрежи против индивидуалци, мали бизниси, институции, па дури и нарушување на меѓународниот имиџ на Македонија преку сајтови за вдомување бездомни кучиња во странство… Такви лица не треба повеќе да бидат на јавни функции, вклучени во работни групи што работат на јавни политики или, пак, медиумски експонирани под називот „активист“, зашто тоа е контрапродуктивно и навредувачко за самиот активизам што се бори за правата на сите животни низ правни рамки и со научно докажани алатки и практики.

На светско ниво, по прашањето за бездомните животни, најнапредните студии и решенија доаѓаат од етолози – биолози што ја разбираат динамиката на животните за да предложат ефикасни, човечки и одржливи решенија. Конгресот на Интернационалното здружение на етологија во 2022 година се одржа во Охрид, привлекувајќи меѓународни експерти за однесување и примена на етологијата во животинските науки. Сепак, во Македонија нема институција или организација што ги повикува етолозите да учествуваат во работните групи за бездомните животни. Истото тоа важи и за еколозите. Еден етолог би предложил програми со интеракција на кучиња, контрола на размножување и локални стратегии базирани на валидни статистики. На овој начин здравјето на животните, граѓаните и економијата би било интегрирано и одржливо. Секој систем се менува одвнатре. Отсуството на стручност ја прави состојбата понеефикасна и поскапа. Први се засегнати граѓаните, кои и покрај тоа што биле повредени од кучиња, јавно се обвинувани дека ги предизвикале нападите и многу често се откажуваат од комплексните правни процедури. Животните, пак, често добиваат нехумани третмани кога системските стандарди се надминати и прагот на општествена толеранција е надминат. Системот може да се подобри единствено доколку конечно стручноста, професионализмот и научниот пристап се постават како основа за политиките и одлуките, не како декларативни фрази, туку како суштинска определба на општеството.

































