Фото: Пиксабеј

Само два дена откако деветтиот тест-лет на вселенското летало „Старшип“ заврши со експлозија, Елон Маск објави дека планира да испрати џиновска ракета на Марс до крајот на следната година. Всушност, можноста за лет кон Марс ќе зависи од тоа дали леталото може да исполни низа сложени технички задачи за време на последователните тестови, вклучително и маневар за полнење гориво во орбитата на Земјата по лансирањето. Краток прозорец за летот се отвора кон крајот на 2026 година, кога Земјата и Марс ќе се усогласат така што растојанието меѓу планетите ќе биде минимално. Шансите за исполнување на овој рок се 50 отсто. Ако „Старшип“ не е готов дотогаш, „СпејсИкс“ ќе мора да почека уште две години.

Првиот лет ќе биде управуван од еден или од повеќе хуманоидни роботи „тесла оптимус“, додека за втора или трета мисија е планирано патување со екипаж до Марс. Според претходните изјави, конечните планови на Маск се да испраќа од 1.000 до 2.000 вселенски бродови на Марс на секои две години со цел брзо да се формира самоодржлива човечка колонија. Првично, Маск се надеваше дека ќе испрати беспилотно вселенско летало на Марс уште во 2018 година, а мисија со екипаж до минатата година. Од друга страна, НАСА сè уште има цел да ги врати луѓето на површината на Месечината, исто така со помош на ракетата „Старшип“ – помина повеќе од половина век од последната мисија на програмата „Аполо“. Кога станува збор за Марс, американската вселенска агенција не планира да испраќа астронаути пред 2030-тите.