Фото: Пиксабеј

Коалите го поминуваат поголемиот дел од своето време на дрвја, но се во смртна опасност кога ќе се спуштат на земја, откри ново австралиско истражување. Овие торбари се загрозен вид во Австралија и нивната популација се намалува многу брзо поради губење на живеалиштата, нивна фрагментација, разни болести и голем број други закани. Коалите дневно поминуваат само околу 10 минути на земја, но научниците откриле дека една третина од смртните случаи на овие мили торбари се случуваат во тоа време.
– Иако тие претежно живеат на дрвја, поради масовното расчистување големи површини шума и земја, тие сѐ повеќе се принудени да се движат по земја, што ги доведува во сериозен ризик од повреди и смрт – вели Габриела Спаркс, докторантка на австралискиот Универзитет во Квинсленд.
Таа опреми некои од коалите со џипиес-ремчиња за да може да ги следи нивните движења што е можно поблиску. Уредите ја снимаа нивната локација во кратки интервали, разликувајќи помеѓу одење, качување по дрвја и одмор, што ѝ овозможи на докторантката да изврши исклучително детална анализа.
– Овие торбари обично се симнуваат од дрвјата само два-три пати навечер и поминуваат просечно само 10 минути на земја, што е помалку од еден процент од вкупното време – вели Спаркс.
Но, една претходна студија покажа дека околу две третини од сите познати смртни случаи на коали се случуваат токму во тој краток период – обично од напади од кучиња или судири со автомобили. Затоа истражувачите сакаат да ги користат добиените резултати за да идентификуваат услови на животната средина што се особено опасни за коалите и да развијат поефикасни стратегии за зачувување на овие животни, кои се наведени во категоријата „ранливи“ на црвената листа на Меѓународната унија за зачувување на природата.
– Доколку можеме да ги идентификуваме видовите дрвја или условите на живеалиштата што ги охрабруваат коалите да останат подолго на дрвјата, ќе можеме да дизајнираме или да управуваме со пејзажи на начини што ќе ја намалат потребата од нивно движење по земјата – рече Спаркс, предлагајќи поставување предмети или јажиња што би ги поврзувале оддалечените крошни на соодветни дрвја за да се намали растојанието што коалите треба да го поминат за спуштање до земјата.