Промоција на „Едно лето на Никола“ од Марјан Патлиџанковски во Софија
Во Македонскиот културно-информативен центар во Софија се одржа промоцијата на македонското издание на романот „Едно лето на Никола“ од македонскиот писател Марјан Патлиџанковски.
– Марјан Патлиџанковски ѝ е познат на читачката публика, особено на книжевната критика со неговите две претходни дела од областа на македонската книжевна историографија. Како дипломиран филолог и професор по македонска книжевност, Патлиџанковски oвој пат се обидува да заплива во сосема поинакви води: книга за деца, односно роман или, уште поточно, роман за деца со илустрации. Всушност ни се претставува со книга со сите нишани да биде хит не само меѓу помладите читатели туку кај читачката публика воопшто. Вешто ги води дејствата, не оптоварува со непотребни описи и податоци, ги дава толку колку што се потребни да го заскокоткаат читателот и тој да се втурне во некое проучување или, во најдобар случај, во некоја авантура со некое животно или птица – велат од КИЦ.
Романот е составен од дваесет поглавја, кои се истовремено и самостојни раскази. Во прилог на тоа оди и што секој расказ има свој наслов. Но покрај овој личен избор на читателот, авторот ги „разубавува“ своите раскази со илустрации, и тоа во боја, работени во повеќе техники, чиј потписник е младата академска уметница Марта Патлиџанковска. Исто така, нарацијата мошне умешно ја води јас-раскажувачот, односно тинејџерот Никола. Тој е ликот стожер што ги плете приказните, заедно со своите другарчиња, чии имиња се сретнуваат речиси во сите раскази.
– Ова не се обични приказни. Ова се приказни исполнети со љубов кон немоќното животинче во суровиот град, приказни за љубов кон природата, затоа што сите дејства се случуваат или во природа или во околина соодветна на животното, независно дали е диво или домашен миленик. Кога сме кај дивите животни, тие навистина и живеат само во дивината, така што Патлиџанковски во тоа едно лето го води читателот, за кој очекуваме дека ќе биде дете, низ националните паркови на Македонија, по полињата, реките и езерата, каде што има ретки животни и птици, некои во исчезнување. Очигледен е едукативно-педагошкиот момент во книгата. Затоа што со секоја приказна за секое животно читателот дознава сè за неговото потекло, за неговите карактеристики, за неговата природа. А јунаците во „Едно лето на Никола“, тоа лето го поминуваат со своите родители и заеднички токму во природа и со грижа и љубов за нејзините жители: животните и птиците. Што се однесува до јазикот, како да е изворен на дете до тринаесетина години, нешто што го можат само оние што се вешти на перо и, во овој случај, самите љубители на животинскиот свет. Имајќи го предвид сето ова, особено дека пред нас е книга што не е „затрупана“ со ајфони, социјални мрежи, гаџети и слични нешта, „Едно лето на Никола“ од Марјан Патлиџанковски е добар начин да ѝ го вратиме нејзиниот читател – детето – стои во најавата.