Бананите сè повеќе се загрозени од климатските промени, додека производителите тврдат дека екстремните временски услови ги убиваат нивните посеви, според извештајот. Анализата на меѓународната добротворна организација за развој „Крисчан еид“ покажува дека растечките температури и штетниците поврзани со климата ги ставаат бананите во опасност.
Утврдено е дека речиси две третини од најсоодветните области за одгледување банани во Латинска Америка и Карибите – регион одговорен за околу 80 проценти од светскиот извоз на банани – би можеле да бидат изгубени до 2080 година поради климатските промени.
Бананите растат во температурен опсег меѓу 15-35 степени Целзиусови, но тие се исто така многу чувствителни на недостиг од вода, што значи дека сè поекстремните временски услови влијаат на способноста на тоа растение да преживее. Болести како што е фусариум тропикала 4, исто така, се појавија како растечка закана во последниве години, предизвикувајќи губење на цели фарми низ Латинска Америка.
„Крисчан еид“ ги цитираше земјоделците во регионот, кои велат дека нивните фарми умираат, што, пак, влијае на нивните приходи.
Врз основа на наодите, „Крисчан еид“ ги повикува развиените земји итно да ги намалат емисиите на јаглерод за да ги спречат растечките влијанија од климатските промени. Исто така, повикува на меѓународно финансирање за климатски промени за да се поддржат одгледувачите на банани и земјоделските заедници во приспособувањето кон климатските промени.