Фото: Пиксабеј

Низ светот минатата година биле продадени 4,8 милијарди кинобилети, што е за 500 милиони помалку во споредба со 2023 година. Бројот на продадени билети во кината низ светот опаднал за 8,8 отсто во 2024-та во однос на 2023 година, што е прв пад од пандемијата на ковид-19, објави Европската аудиовизуелна опсерваторија (ЕАО) на конференција во рамките на Филмскиот маркет во Кан.
– Во 2024 година се продадени вкупно 4,8 милијарди кинобилети низ светот, што генерирало проценет приход од 28 милијарди евра – изјави Мартин Канцле од ЕАО.
Според него, тоа се 500 милиони билети помалку во однос на 2023 година.
Од 2020 година, која беше катастрофална за кината поради здравствените мерки и ограничувања, посетеноста на кината низ светот постојано растеше.
Во моментов посетеноста на кината изнесува 68 отсто од нивото во 2019 година, последната година пред пандемијата, додека во 2023 година беше над 70 проценти. Европа се држи подобро од другите делови од светот. Посетеноста на кината во Европа достигнува 75 отсто од нивото во 2019 година, а падот на бројот на продадени билети во 2024 година изнесува само 1,7 отсто.
За разлика од тоа, во Кина – најголемиот светски пазар со 21 отсто удел – падот на посетеноста изнесувал дури 22 отсто.
– Во Европа, со висок просечен број гледачи се истакнуваат Франција и Ирска.
Кога станува збор за продукцијата, најголемиот дел од филмовите, поточно 81 отсто, доаѓаат од три земји – САД, Кина и Индија – нагласува Мануел Фиорони, аналитичар од ЕАО.
За разлика од кинеските и индиските филмови, кои речиси исклучиво се продаваат на домашниот пазар, американските филмови лесно се извезуваат благодарение на широка дистрибуциска мрежа и меѓународна публика. Од 20-те најуспешни филма на европскиот кинопазар, 18 се американски.