Засилени безбедносни мерки паралелно со мерки за украсување на градот со логото „1945-2025“, прес-конференции и многу пригодни настани се одржуваат деновиве во кинеската престолнина, која интензивно се подготвува за најголемата воена парада во последниве години со која ќе биде одбележана 80-годишнината од победата на кинескиот народ против јапонската агресија и крајот на Втората светска војна, која патем тука се нарекува Светска антифашистичка војна. Логото на комеморативните настани, направено од илјадници цвеќиња и поставено на повеќе локации низ градот, во фокус го има бројот 80 опкружен со неколку симболични елементи: Кинескиот ѕид како симбол на духот на единство и храброст на кинескиот народ, стилизирани маслинови гранчиња, гулаби и светлина, кои ги симболизираат победата на доброто над силите на злото, духот на единството и храброста на кинескиот народ, како и националниот дух и патриотизмот во победата.
Високите државни претставници на Пекинг во своите јавни обраќања не пропуштаат да потсетат дека Кина е единствена земја што никогаш не започнала војна, како и да испратат порака дека единството со народите на другите земји е клучно во зачувување и негување на светскиот мир. Тие во секоја пригода посебно ја истакнуваат улогата на големата национална обнова на земјата под водство на Комунистичката партија на Кина, како и брзиот и несопирлив економски и технолошки напредок на земјата.
Пристигнуваат претставници на држави и влади од 26 земји
Досега во Пекинг се одржаа три генерални проби за претстојниот собир со предупредување до жителите на градот да го ограничат своето движење заради безбедносни причини. На последната проба, минатата недела, која траеше од вечерта до раните утрински часови, на плоштадот „Тјенанмен“ се собраа околу 40.000 луѓе, вклучувајќи ги оние што ќе учествуваат на свеченостите, како и персоналот задолжен за поддршка и организација. Организаторите наведоа дека третата проба ги опфатила сите елементи и дека претставува завршна фаза на подготовките за комеморацијата. Целта на оваа проба беше да се тестира координацијата во сите сегменти и да се постават цврсти основи за успешност на настанот. Парадата ќе се пренесува на 3 септември од Кинеската медиумска група, а гледачите во светот ќе можат да ја следат на вкупно 85 јазици. На плоштадот ќе биде поставен голем ЛЕД-екран, како и друга техничка опрема за што подобар увид во настанот.
Според најавите, во Пекинг ќе пристигнат претставници на држави и влади од 26 земји, кои ќе учествуваат на прославата по повод 80-годишнината од победата на Кина против јапонската агресија и крајот на Втората светска војна. Најмногу внимание на двете прес-конференции што се одржаа во главниот прес-центар во пресрет на големата воена парада предизвика најавата за присуство на рускиот претседател Владимир Путин, како и на лидерот на Северна Кореја, Ким Јонг-ун. Од регионот во Пекинг ќе пристигне српскиот претседател Александар Вучиќ, а на списокот се и кралот на Камбоџа, Нородом Сихамони, виетнамскиот претседател Луонг Куонг, претседателот на Индонезија, Прабово Субијанто, малезискиот премиер Анвар Ибрахим, монголскиот претседател Унагин Хурелсух, пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф, непалскиот премиер Кадга Прасад Шарма Оли, малдивскиот претседател Мохамед Муизу, белорускиот претседател Александар Лукашенко, словачкиот премиер Роберт Фицо, кубанскиот претседател Мигел Диаз-Канел и други.
Големата парада ќе се одржи во Пекинг на 3 септември. Планирано е целиот настанот да трае 70 минути, при што Народноослободителната армија на Кина ќе ја прикаже својата воена моќ преку претставување на достигнувањата на своите воени сили (вкупно 45 формации), традиционалните, но и современите и напредни технологии за ракети, тенкови, авиони и беспилотни летала произведени во Кина… Вакви воени паради се одржуваат на централниот плоштад „Тјенанмен“ од 1949 година, кога е основана Народна Република Кина.
Во Големата народна сала, пак, ќе се одржи културна гала-вечер со танц, музика, драма…, на која главно ќе учествуваат младите генерации Кинези, кои ќе направат своевиден спој меѓу традицијата и модерните уметнички форми. Предвидени се повеќе комеморативни настани, а центар на церемонијата ќе биде плоштадот „Тјенанмен“ во Пекинг.
Филм за едно од најтемните поглавја на човештвото
Во Кинеската народна војна против јапонската агресија, која траела од 1931 до 1945 година, се проценува дека биле убиени од три до четири милиони кинески војници во борбите со јапонските окупациски трупи, а бројот на убиени цивили е над 20 милиони. Само во Нанџјинг јапонските окупациски трупи убиле околу 300.000 луѓе од средината на декември 1937 до средината на јануари 1938 година.
Деновиве имавме можност да видиме исклучително реалистичен, суров и мачен филм за ова поглавје од историјата. Станува збор за епската воена драма „Дед ту рајтс“ (Мртви за права), продуциран оваа 2025 година, во режија на Шен Ао, кој веќе се прикажува во кината низ земјава. Означувајќи ја 80-годишнината од победата во Кинеската народна војна на отпорот против јапонската агресија (1931-1945), филмот повторно ја разгледува една од најварварските епизоди на Втората светска војна преку перспективата на група тивки херои. Масакрот во Нанџјинг почнува кога јапонските трупи го заземаат градот на 13 декември 1937 година. Во текот на само шест недели се убиени околу 300.000 кинески цивили и заробени војници.
Филмот ја следи приказната на група цивили, кои обидувајќи се да преживеат, се кријат во локално фотостудио, а притоа се принудени да ги развиваат фотографските филмови на јапонски воен фотограф. Така откриваат голем број фотографски докази за направените ѕверства и на крајот ризикуваат сè, дури и своите животи, за да ги зачуваат доказите и да ги откријат воените злосторства пред светот… Филмот осветлува едно од најтемните поглавја на човештвото и има цел да потсети и да се спротивстави на заборавот.
За време на премиерата на филмот во јули во Пекинг режисерот објасни дека неговиот нов филм е адаптација на вистинска приказна од која е инспириран филмот „Масакрот во Нанџјинг“ од 1987 година, кој раскажува за кинески доктор што го ризикува својот живот за да ги открие пред меѓународната јавност фотографиите што документираат како јапонските трупи убивале кинески цивили. В.Д.
Весна Дамчевска, наша известувачка од Пекинг