За време на династијата Хан владеела научната литература, а како одличен историчар се пројавил Сема Ќен (145-86 година пред нашата ера). Песништвото немало истакнати претставници, иако се појавил нов стих од пет слога, кој понатаму е најчест. За време на династијата Хан се јавиле и првите поетеси, но многу е важно и продирањето на будизмот, што имало големо влијание на литературата
Кинеската книжевност е една од најстарите во историјата на човештвото, а според некои истражувања трагите на кинеската книжевност може да се забележат и пред 2.000 години пред нашата ера, кога биле создадени религиозни песни и записи. Конкретно, кинеската литература со сигурност може да се потврди во 6 век од нашата ера, кога Лао-це ја реформирал старата вера и проповедал таоизам, а Конфуциј ја систематизирал целата верска и литературна оставина во пет канонски книги (зборници): „Ше-џинг“, „Шу-џинг“, „И-ѓинг“, „Ли-џи“ и „Чун-циу“.
„Ше-џинг“ е „книгата на песните“ (305 песни од 1050 до 700 година пред нашата ера), една од најубавите збирки на поезија, воопшто. Како што самиот Конфуциј е целосна спротивност на мистичниот и занесен Лао-це, така и нивните сфаќања често се разликувале: Конфуциевиот внук Цесе и другите писатели залудно се обидувале да ги усогласат. Тоа го навело Менг-це (372-289 година пред нашата ера) да го изгради првиот поголем филозофски систем, но брзо по неговата смрт филозофијата опаѓа, а се развива песништвото. Притоа се истакнуваат Киих-Јиан (332-295 година пред нашата ера) и Сунг-Ји (290-222 година пред нашата ера) и со нив се завршува класичниот период.
Во тоа време владетелот Ќин Ше Хуанг, основач на династијата Ќин, ја обединува Кина и ја зема титулата цар. Тој, сакајќи да прекине со претходните традиции, наредува во 213 година пред нашата ера да се запалат сите дела на класичната конфуцијанска литература. Меѓутоа владетелите од династијата Хан во 206 година пред нашата ера до 220 година по нашата ера спасиле поголем дел од неа и го вратиле угледот на Конфуциј. Старите записи биле одново бележени, критикувани и коментирани.
За време на династијата Хан владеела научната литература, а како одличен историчар се пројавил Сема Ќен (145-86 година пред нашата ера). Песништвото немало истакнати претставници, иако се појавил нов стих од пет слога, кој понатаму е најчест. За време на династијата Хан се јавиле и првите поетеси, но многу е важно и продирањето на будизмот, што имало големо влијание на литературата. Оваа вера ја примил маса народ, а писателите патувале во Индија и се запознавале со нејзината литература, пишувале патописи, преведувале индиски дела итн.
По падот на династијата Хан, пропаднала и државата, песништвото станало скудно, но се појавил есејот, нов литературен род за Кина. За време на династијата Танг (618-907 година од нашата ера) песништвото поново достига кулминација. Песните по содржина се поприродни почувствени, а по форма и јазик речиси совршени. Најважни поети се Ли Тај-по (701-762), Ту Фу (712-770), По Ки-ји (772-846). Имало многу повеќе поети, така што една антологија од епохата Танг содржи околу 50.000 песни. Кај некои од нив се согледува дека формата е поважна од содржината, што исто така важи и за поетите од епохата Сунг (960-1129).
Поетите од ова време како да ја имитираат раната поезија, но имало и повеќе првокласни писатели: есеистите Ванг Ан-Ше (1021-1086) и Су Тунг По (1036-1102), потоа историчарот и полихисторот Сума Куанг (1019-1086) и филозофот Чоу-це, кој поставува нов систем на природната филозофија. Неговиот ученик Чу Си (1130-1200) ги обработил критички класичните и конфуцијанските записи, ги исчистил од противречности и создал неоконфуцијански систем на учење, кој бил официјално признаен.
За време на манџурската династија Ќинг (1644-1911), литературата се развивала во рамките на традицијата, а покажувала оригиналност само во проучувањето на старите текстови (во што настанува ренесанса на крајот од XVII век), но многу покритична и понаучна. Ку Јан-ву (1613-1682) основа нов метод во проучувањето на класиката, барајќи што повеќе да се примени критичкиот дух. Неговата широка култура и ерудиција се најдобро изразени во дневникот „Је Че Лу“, кој го пишувал систематски. Со помош на тие строго критички методи е утврдено дека некои делови од „Ше-џинг“ се апокрифни, а и дека еден таоист од X век ја напишал познатата книга „Слики на реките“, за која се сметало дека потекнува од прастарите времиња. Критичките работи на научниците се собрани и објавени во 1829 година под името „Објаснувања за класичните писатели“. Д.Ст.
Да се отфрлат аристократските поими и да се создаде искрена народна книжевност
Романот и приказните најсилно се развиле за време на последните манџурски владетели. Пу Сунг-линг (1640-1715) пишувал на многу фин стил збирки со раскази за демони, духови, самовили; негов е и прочуениот роман „Синг-че-јин јуан чуан“, а и неколку песни за пеење со гитара. Во друг облик пишува Ву Ќинг Це, кој во романите дал портрети и карактери за личности од литературните кругови. Еден од најдобрите љубовни романи – „Сон во црвената одаја“ го напишал Цао Сјуеќин (1722-1763). Тоа е роман за аристократското семејство Киа. Кон крајот на 19 и почетокот на 20 век се преведени многу класични романи и филозофски записи од западните литератури. Тие дела (ги преведувале Јен Фу и Лин Чу) влијаеле и на големиот пресврт во кинеската литература на почетокот на XX век. Младиот професор Ху Че по враќањето од Америка го објавува во 1917 година првиот манифест на литературната револуција, сакајќи писателите да се ослободат од имитирањето на класичните и традиционалните облици и во нивните дела да го негуваат својот личен стил. Во вториот манифест, Ченг Ту Сјуe се залагал да се отфрлат аристократските поими и да се создаде реалистична, свежа и искрена народна книжевност; се залагал и за општествена литература на народниот јазик пајхуа, јасна и разбирлива за секого. Од 1920 година јазикот пајхуа е дефинитивно прифатен, па на него се пишувани литературни и научни дела.