По загубата на својот татко, легендарниот пејач на групата „Парни ваљак“, Аки Рахимовски пред три години, неговиот син Кики Рахимовски, кој исто така ја избра музиката како животен предизвик, постојано се враќа во Македонија.
Деновиве, во земјата на своите предци, во амбиентот на живописниот археолошки локалитет Куклица, Кратовско, го сними спотот за насловната песна од неговиот најнов албум „Дупли загрљај“ (Двојна прегратка), во издание на „Кроација рекордс“, која ја потпишува неговиот менаџер и композитор Саша Драгиќ.
Видео-приказната се случува на местото што ја крие легендата за скаменетата свадбена веселба, трагичната приказна за младоженците Стојан и Стојна. Но, во спотот, кој го реализира видео продукцијата на Александар Ристовски – Принц, не станува збор за свадба, а освен Кики се појавува и една фатална, црнка. Станува збор за убавата манекенка Мила Драговиќ, која е дел од модната агенција „Моделс ин“, чиј изглед на ова видео-приказна и дава доза на мистичност. Покрај нив, во видеото ќе ги видиме и композиторот Саша Драгиќ и Емил, тапанарот на бендот „Бело копче – трибјут Бело дугме“.
Спотот за „Дупли загрљај“ е во фаза на монтажа, а фановите на Кики Рахимовски ќе можат да го погледнат заедно со објавувањето на истоименото цеде, кое официјално ќе излезе на дискографскиот пазар на 19 мај. Инаку, дигитално, албумот е веќе достапен преку сите релевантни музички сервиси.
Новиот албум на Рахимовски содржи десет песни, испеани приказни за љубовта, интроспекцијата и блискоста, се што Кики без напор со години го преточува во музика и текстови. „Дупли загрљај“ е богата колекција песни, создадени во повеќегодишното музичко творештво на Кики, а секоја од нив носи емоции кои неговата публика нема да ја остават рамнодушна.
– Овој албум, што го создавав во изминатите три години, им го посветив на моите родители, од лични причини. Веќе не сум дете, но ја задржав таа доза на момчешка разиграност и несмасност, љубопитност за тоа каде ме носи музиката додека пеам…Имам дваесетгодишна музичка кариера полна со подеми и падови и сето тоа ме изградува и ме води напред. Одамна сфатив дека животот не е трка, туку маратон во кој треба многу да научам. Албумот го нареков „Двојна прегратка“, бидејќи прегратката е допир на телото, најмоќното оружје на љубовта. Но понекогаш во љубовта, првата прегратка е нежна, а втората може да биде посесивна и може да ги промени нештата – вели Кики Рахимовски.
М.Т.