Знаменитостите на Македонија
Овој дијалект спаѓа во подгрупата на централните дијалекти на западното наречје на македонскиот јазик. Кичевско-поречкиот дијалект е близок дијалект со прилепско-битолскиот дијалект и со другите дијалекти на централната подгрупа. Овој дијалект, заедно со другите дијалекти од централната подгрупа, е основата врз која се темели стандардниот македонски јазик
Дијалектот се зборува на територијата на областа Кичевија, односно во градот Кичево со околните рамничарски села, планинските села во подножјето на Бистра и Буковиќ, кои ја претставуваат дијалектната тромеѓа со горнополошкиот и галичкиот говор, потоа во селата по долината на Треска и нејзините притоки, од изворишниот дел во областа Копачка, по целото течение во Порече, сè до последното поречко село Здуње, каде што на север допира до тетовскиот и скопскиот каршијачки говор на североисток. Источно преку планините Даутица и Караџица избива на областа Азот, во Велешко, додека југозападно завршува на Пресека, каде што преку Дебрца се граничи со охридско-струшките говори, а југоисточно некаде на границата помеѓу Копачка и Железник, од каде што продолжуваат прилепско-битолските говори. Овој дијалект е застапен во две градски населби, во Кичево и во гратчето Македонски Брод, како и во повеќе од стотина села што се наоѓаат на оваа територија.
Се дели на помали говорни целини
Од фонетко-фонолошки, како и од морфолошки аспект, кичевско-поречкиот дијалект не е единствен на целата територија. Поради тоа, се дели на три помали говорни целини: кичевски говор, кој ги зафаќа градскиот кичевски говор и рамничарските села во средишниот и јужниот дел од областа Кичевија, целата област Копачка, како и селата по долината на Рабетинска Река, тајмишки говор, кој се зборува во четири села на падините на Бистра и Буковиќ (Тајмиште, Лешница, Мидинци и Букојчани), поречки говор, распространет по целата област Порече.
Фонолошки одлики
На местото на самогласното л овде има рефлекс самогласно л со извесен мал призвук пред него: жăлт, вăлна и др. На југ и на исток оваа особеност се простира со прилепско-битолското подрачје. Самогласните групи еа, оа во овие говори не се менуваат и упростуваат: гоедо од говедо, стреа од стреха. Прасловенските групи *stj, *skj, *zdj, *zgj се заменуваат со шт, жд: клешти, глуждот, дождот и др.
Во кичевското подрачје гласовната секвенца ни во повеќесложни зборови во положба зад друга самогласка со метатеза се изменила во ин, а потоа во јн, како и во охридскиот говор: воденица – водеинца – водејнца.
Морфолошки одлики
Личните и роднинските имиња од машки род што завршуваат на согласка и на самогласката е се јавуваат со наставка -у во дативни конструкции: Му реков Стојану, Душану.
Именките што завршуваат на е во дативната форма се јавуваат со наставка -у, но во корелација со согласката т од општата форма: Петрету, Крстету. Под ова се подведуваат и роднинските имиња: чичету, татету. Старата дативна наставка -ове (ое) ја среќаваме во дативна конструкција кај именки што завршуваат на о: Му дадов Јанкое, Маркое, а ова се однесува и на роднинските имиња.
Дативна падежна наставка од некогашни меки основи на -и се генерализирала кај лични и роднински имиња, на пример, ѝ (је) реков Мари, ѝ (је) дадов Цвети, ѝ (је) реков вујни, стрини и др. Со синтетички дативни форми се изразува посесивно значење: му реков татко му Андону, Татко је Даници го пратија дома. Во другите централни говори ваквите изрази ги среќаваме со предлогот од или на и општата форма: речи му на брат му на Андона.
Формата на личната заменка за прво лице еднина е ја. По аналогија на еднинските форми мене ме виде и мене ми рече долгите заменски форми во акузатив и во датив се изедначиле, долгата форма нас се наложила и во акузатив и во датив: нас нѐ виде и нас ни рече, наместо нам ни рече. Во трето лице се обопштила дативната форма. Ним им рече во датив ја среќаваме и во акузатив ним ги виде, наместо нив ги виде.
Употреба на деминутивната наставка –уле: детуле. Наставката за прво лице множина во минатите определени времиња од -вме се изменила со -вне: бевне, рековне, можеби за ова помогнал елементот н од заменката ние. Во трето лице еднина во сегашно време се чува наставката -т: одит, спиет, носит, викат. Кај глаголите во прво лице еднина во сегашно време има редовно испуштање на наставката –м: ода, јада, шета, гледа, спија, уча, зборува.
Кај глаголите од несвршен вид во трето лице еднина и множина во употреба на наставката -ува преку редукција се добива наставка –уј, а со редовното додавање на живата наставка –т се добива –ујт: зборува-зборујт, пишува-пишујт, влегува-влегујт, качува-качујт. Д.Ст.
Што е нематеријално културно наследство?
Нематеријалното културно наследство е практика, претставување, изразување, како и комбинирани знаења и неопходни вештини, кои заедниците, групите, а во некои случаи и поединците ги препознаваат како дел од нивното културно наследство. Нематеријалното културно наследство, понекогаш наречено живо културно наследство, се пројавува, меѓу другото, во следните области: усна традиција и јазик, изведувачки уметности, социјална практика, ритуали и празници, знаење и примена на знаењата за природата и универзумот и традиционална уметност. Пренесено од генерација на генерација, постојано обновувано во општествените заедници и групи, како реакција на околината, како интеракција со природата и историските услови на постоење, нематеријалното културно наследство буди чувство на идентитет и континуитет.