Занимливости
Кентросаурус е диносаурус што живеел во периодот на доцната јура и чии фосили биле откриени на територијата на денешна Танзанија. Именуван е и опишан од германскиот палеонтолог Едвин Хениг во 1915 година. Често се сметал за „примитивен“ член на стегосауријата, но неколку неодамнешни кладистички анализи го сметаат за повеќе изведен од многу други стегосауруси, и близок роднина на стегосаурусот од северноамериканската формација Морисон во рамките на семејството стегосауриди. Неговите фосили биле пронајдени единствено во формацијата Тендагуру, датирани во доцен кимериџ и ран титон, пред околу 152 милиони години. Стотици коски биле откриени од германските експедиции во Германска Источна Африка помеѓу 1909 и 1912 година. Иако не се познати целосни скелети, остатоците обезбедиле речиси целосна слика за изградбата на животното. Возрасниот кентросаурус најчесто бил долг околу 4,5 метри и тежел околу еден тон. Тој бил четириножен, со прави задни екстремитети. Имал мала издолжена глава со клун, кој се користел при гризнување растителен материјал што се варел во големото црево. Тој поседувал најверојатно двоен ред мали плочи што се наоѓале по вратот и грбот. Те плочи постепено се спојувале во шилата на колкот и опашката. Најдолгите шила се наоѓале на крајот на опашката и биле користени за активна одбрана на животното. Бутните коски биле во два различни вида, што сугерира дека едниот пол бил поголем и поискусен од другиот.