Фото: Пиксабеј

Труфена Мутони се обиде да постави нов светски рекорд во гушкање дрвја. Оваа 21-годишна девојка речиси 48 часа гушкаше дрво во јавен парк во центарот на Најроби, Кенија. Таа чека да слушне дали поставила нов Гинисов рекорд. Со оваа таа сака и другите да ја разберат врската помеѓу природата и доброто ментално здравје. Мутони почнала да го гушка дрвото во 18 часот и 10 минути и успеала да ја задржи истата стоечка положба цели 48 часа. Таа верува дека го соборила претходниот рекорд за 24 часа.
Толпа пријатели и добронамерници беа во паркот за да ја бодрат младата жена. Како што се приближуваше моментот кога Мутони требаше да го заврши својот обид за светски рекорд, нејзините обожаватели ја одбројуваа последната минута. Мутони најпрвин почнала да гушка дрвја како одговор на сопствените ментални здравствени предизвици и вели дека наоѓа удобност и „мир“ во природата.
– Сакам да ги охрабрам луѓето да го прифатат гушкањето дрвја бидејќи тоа помага да се зајакне менталното здравје и ни овозможува да се наполниме со позитивна енергија – изјави Мутони за локалните медиуми.

Гушкањето дрвја често се смета за медитативна практика, која стана популарна во 1980-тите. Има дури и научна поддршка за оваа практика: неколку студии покажаа како може да го подобри расположението, две клучни студии од 2012 година покажаа дека гушкањето дрво ги подобрува когнитивната функција, креативноста, целокупната ментална благосостојба, па дури и крвниот притисок.
– Урбаниот развој ги уништува природните ресурси, па сакам луѓето повторно да се поврзат со природата бидејќи таа има вистинска исцелителна моќ – вели Мутони.
Иако чинот на гушкање дрвја е едноставен и отворен за секого, долгото гушкање дрвја бара повеќе од пет месеци физичка и ментална обука, откри Мутони. Овој тренинг вклучувал промена на навиките за јадење, спиење и одење во тоалет. Обидот за светски рекорд барал од Мутони да се справи со стоењето исправено додека се борела со комарци и други инсекти ноќе, а потоа морала да се справи и со силната жештина во текот на денот. Регулативите дозволиле пауза од два часа по 24 часа за да се избегне лишување од сон, но Мутони решила да го гушка своето дрво без престан во текот на цели 48 часа. По постигнувањето на нејзиниот рекорд, брзата помош дошла да ги провери виталните знаци и да потврди дека Мутони е во добра здравствена состојба.