Пописот на диви животни, кој опфаќа 58 национални паркови и резервати, како и приватни и социјално заштитени подрачја во Кенија, треба да биде комплетиран до јули. Ќе чини 250 милиони кениски шилинзи или нешто помалку од два милиони евра, а за време на неговото спроведување ќе бидат опфатени копнени и морски цицачи, клучни птици и загрозени примати, а резултатите се очекуваат во август – објави „Гардијан“.
– Целта на пописот е да се добијат основни податоци за статусот на животните и нивната распространетост и да се имплементираат современи стратегии за заштита на загрозените видови – вели Наџиб Балала, државен секретар за туризам и див свет.
Кенија претходно спроведе попис на загрозени видови, како што се слонови и носорози, но контролата врз другите загрозени видови, чиј број значително се намали во последните три децении, е послаба – соопшти кениската влада.
Меѓу загрозените видови има одредени видови на антилопи, како што се планинските бонго и хирола, кои се критично загрозени на меѓународните листи.
Според кениската влада, дивиот свет во таа земја се соочува со опасности како што се намалувањето на животниот простор, поради зголемувањето на обработливото земјиште, суша, климатска криза, работи кои негативно влијаат на одредени животински видови.
– Важно да се спроведе ова национално истражување, со цел да се разбере статусот на популацијата на дивите животни и нивната распространетост, како и трендовите и промените во нивниот број. Сакаме да откриеме и дали одредени области имаат посебни капацитети за одредени видови и како климатските промени и растот на популацијата влијаат на заштитата на дивите животни – рече Балала.
Големите цицачи во отворени савани, суви и полусуви области се бројат од земја или од воздух, додека пак камери ќе се користат за индиректното броење во шумските екосистеми – рече д-р Патрик Омонди, директор на новоформираниот Институт за истражување на дивиот свет.
Тој додаде дека животните ќе ги пребројуваат тимови експерти со авиони и хеликоптери, а ќе се користат и податоци од сателитски предаватели и ќе се анализираат снимките во одредени области.
– Во шумските области, камерите ќе бројат ноќни животни како панголините. Ова ќе биде првпат африканската држава да брои панголини, кои моментално се животни број еден во светот за нелегална трговија. Авионско броење ќе се користи за големите морски животни, како што се китови, ајкули, дугонги, морски желки… – вели Омонди.
Д-р Пола Кахумбу, раководител на одделот за заштита на „Вилдраф Директ“, вели дека пописот ќе ги открие вонредните состојби во животната средина и најзагрозените области, не само кога станува збор за животните, туку и на милиони Кенијци.
Кениските експерти велат дека ова се должи и на нарушувањето на миграциските коридори, кои се уништени од урбаното ширење.