Откривањето на планетата Нептун на 23 септември 1846 година претставува еден од најзначајните моменти во историјата на астрономијата, кој покажа сила на математичкото предвидување и набљудување. Оваа осма планета на Сончевиот Систем, синиот џин сместен на работ на нашето планетарно соседство, е откриена не поради случајност, туку благодарение на прецизни пресметки засновани на нарушувањата во орбитата на Уран.
Откритието беше триумф на науката, но и извор на контроверзии меѓу француските и британските астрономи, кои се натпреваруваа за заслугата. Приказната за Нептун покажува како соработката, ривалството и упорноста го обликувале нашето разбирање на универзумот.
На почетокот на 19 век, Уран, откриен во 1781 година од страна на Вилијам Хершел, бил најоддалечената позната планета. Меѓутоа, астрономите забележале дека неговата орбита не се совпаѓа со предвидувањата на Њутновите закони за движење. Овие „нарушувања“ сугерирале дека постои непознато небесно тело чија гравитација влијае на Уран. До 1840-тите развојот на математички модели овозможил предвидување на положбата на таа хипотетичка планета. Овој период е обележан со напредок во небесната механика, додека ривалството меѓу европските научници, особено во Франција и Британија, поттикна вистинска трка за откритието
Кој е заслужен за тоа? Францускиот математичар Урбен Ле Верие беше клучна фигура во откривањето на Нептун. Неговите сложени пресметки, базирани на пертурбации на Уран, ја предвидоа точната положба на новата планета. Ле Верие ги испрати своите резултати до германскиот астроном Јохан Готфрид Гал во Берлин, кој, заедно со својот асистент Хајнрих д’Арест, користеше телескоп од опсерваторијата за да го потврди откритието. Од британска страна, Џон Кач Адамс, млад математичар од Кембриџ, независно изврши слични пресметки, но неговите напори биле забавени поради несогласувањата со британските астрономи, пред сѐ со Џорџ Ери, кралскиот астроном. Сите тие, сепак, заедно со телескопот и ѕвездените карти на Берлинската опсерваторија, биле клучни за успехот.