Дали претходната вечер долго се вртевте бидејќи не можевте да заспиете? Дали се потсетивте во колку часот пиевте кафе, дали беше доцна? Или ви беше толку жешко што на крајот моравте да станете од креветот? Постојат многу причини зошто не спиеме добро, а истражувачите велат дека има сѐ повеќе докази дека храната е виновникот.
– Следевме повеќе од илјада луѓе на возраст меѓу 21 и 30 години и ја проучувавме врската помеѓу нивната исхрана и квалитетот на спиењето. Оние што го зголемија количеството овошје и зеленчук во исхраната, за само три месеци, радикално го подобрија квалитетот на спиењето и ги намалија епизодите на несоница – вели Ерика Џенсен, професорка по исхрана на Универзитетот во Мичиген.
Според професорката Ерика, истражувањата надвор од САД покажале дека медитеранската исхрана, богата со растителна храна и морски плодови, со малку црвено месо и шеќер, дава најдобри резултати во лекувањето на несоницата.
– Добри резултати даваат и антиинфламаторните диети, слични на медитеранската исхрана, но со зголемени дози на флавоноиди – објаснува проф. Џенсен.
Студиите пронајдоа врска помеѓу добриот сон и исхраната богата со масни риби (скуша, харинга), млечни производи, но и киви, цреши и други бобинки. Се верува дека оваа храна го снабдува телото со мелатонин, модулатор на циклусот на спиење на мозокот. Диетата со доволно влакна (кои се наоѓаат во гравот и овесната каша) и протеини со триптофан (се наоѓа во пилешкото) е исто така поврзана со подобар сон. Од поединечните хранливи материи, подобриот сон е поврзан со витамин Д, железо, магнезиум, манган и омега-3 масни киселини.