Полнењето на телефонот до 100 отсто повремено е во ред, но ако го правите тоа секој ден или го оставате уредот вклучен долго време, батеријата ќе се празни побрзо. Литиум-јонските батерии не можат да издржат постојано целосно полнење. Решението го нудат опции како што се адаптивна заштита на батеријата на андроид и оптимизирано полнење на батеријата на ајфон, кои го ограничуваат полнењето на 80 отсто и со тоа го продолжуваат животниот век на батеријата. Исто како што постојаното полнење до 100 отсто е штетно, така и празнењето на батеријата до нула не се препорачува. Литиум-јонските батерии најдобро функционираат и траат најдолго кога се држат на полнење помеѓу 20 и 80 отсто. Повременото исклучување на телефонот не е проблем, но не треба да стане навика.
Батериите се исто така чувствителни на екстремни температури – тие најдобро работат помеѓу 0 и 35 Целзиусови степени. Изложувањето на уредот на екстремна топлина или студ може да предизвика привремени или трајни дефекти. Исто така, треба да избегнувате користење евтини полначи и кабли. Евтините полначи честопати немаат заштита од прегревање и можат да ја оштетат батеријата – изберете сертифицирани. Користењето на телефонот додека се полни не е штетно ако полначот е со добар квалитет, но интензивните дејства можат да предизвикаат прегревање.
Редовните ажурирања ги подобруваат перформансите на батеријата, а нивното избегнување води до побрзо трошење. Иако батериите не траат вечно, правилните навики – квалитетен полнач, заштита и избегнување на топлина – можат значително да го продолжат нивниот век на траење.