Фонтаната „Ди треви“ важи за една од најпосетуваните атракции во Рим, а според легендата, фрлањето парички со десната рака преку левото рамо ќе ви ја исполни желбата да се вратите во овој град и да пронајдете љубов. Но дали некогаш сте се запрашале каде одат сите тие монети?
Последниве денови на социјалните мрежи често се појавува видео на кое се гледаат работници што работат на одржување на познатата фонтана, каде што собираат пари и ги носат во вреќи.
Чистењето се одвива во понеделник и петок, почнувајќи од осум часот наутро и трае неколку часа, а собраните пари се донираат во хуманитарни организации за помош на сиромашните и бездомниците. Интересно е што секоја година во фонтаната „Ди треви“ се фрлаат околу 1,5 милион евра. Така што, и да не ви се исполни желбата, правите добро дело.
Меѓутоа, пред неколку години се појави документ во кој тогашната градоначалничка на Рим, Вирџинија Раџи, сакаше да ги искористи парите за подобрување на градската инфраструктура. Но таа ги оспори тие информации велејќи дека парите ќе му бидат предадени на Каритас.
Медиумите подоцна открија дека нејзината администрација предложила парите да се искористат за поддршка на градската инфраструктура во 2017 година, но членовите на црквата веднаш го одбија предлогот.