Откако неодамна беше објавено дека творот Пепе, познат и како Пепе Ле Пју, е тргнат од листата на анимирани ликови кои ќе се појават во претстојниот филм „Спејс џем 2“ со објаснување дека тоа се должи на контроверзноста на неговиот лик и промовирањето на сексуално вознемирување и силување, многумина се прашуваат дали Брзиот Гонзалес е наредниот анимиран лик што ќе го снајде истата судбина.

Творот Пепе, кој упорно трага по љубов од понежниот пол, стана препознатлив како „претерано упорен“ додворувач кој неуспешно се обидува да заведе црно-бела мачка за која мисли дека е твор и од која постојано е одбиван. Тој беше „тргнат“ од т.н. „култура на укинување“ (претставува бојкот на славните личности предизвикан од нивните постапки или улоги кои се сметаат за навредливи или неприфатливи) бидејќи, како што се наведува, ги учи момчињата дека „не“ не секогаш значи не, како и дека игнорирањето на физичкото одбивање од страна на понежниот пол е „нормално, слатко и смешно“ и не е во чекор со современата култура.

Габриел Иглесијас, комичарот познат под уметничкото име „Флафи“, неодамна на Твитер откри дека го позајмува гласот на најбрзиот глушец во Мексико во филмот во режија на Малком Д. Ли, и ја исмеа „културата на укинување“, предизвикувајќи ја „да се обиде и да го фати Брзиот Гонзалес, секако ако може“.

Иглесијас не откри дополнителни детали за улогата на Брзиот Гонзалес во „Спејс џем 2“. Глушецот од Мексико првпат затрча на екраните во 1953 година, иако тој не стана ликот што сите го препознаваат додека не глумеше со мачорот Силвестер во краткиот цртан филм „Брзиот Гонзалес“ од 1955 година. Заплетот секогаш е сличен, Гонзалес против Силвестер и другите мачки, обично во спор за парче сирење.

 

– Најбрзиот глушец во цело Мексико е претставен со стереотипен акцент кој зборува на „шпанглиски јазик“ (мешавина од англиски и шпански). Спиди е претставен како крадец, а мексиканските глувци кои исто така се појавуваат покрај него се мрзливи, пијани и среќно живеат меѓу ѓубре. Да не го споменуваме сомбрерото, кое е големо колку и неговото тело. Сомбрерата се големи, но сепак не толку големи – изјави своевремено актерот Мел Бланк, кој го позајмувал гласот за ликот на Брзиот Гонзалес во минатото.

Иако многумина тврдат дека глушецот е стереотипен лик и ги претставува Мексиканците и латинската заедница во негативно светло, голем број луѓе од Латинска Америка и од САД ги кренаа своите гласови онлајн во одбрана на Гонзалес и на Иглесијас.

Во неговата колумна за „Лос Анџелес тајмс“, Густаво Арелано го опиша Гонзалес како „сомбреро-комета“ која ги тероризира негативците во име на потиснатите Мексиканци, со што го зацврсти неговото место во срцата на голем број латиноамерикански семејства.

– Никогаш не го гледав Гонзалес како стереотип за Мексиканците. Кога бев млад, го гледав преку очи на дете, за време во кое мојата култура во медиумите на англиски јазик не спомнуваше ништо повеќе од криминал и имиграција. Спиди ги танцуваше нашите танци и се облекуваше како јарочо (жители на Веракруз – н.з.) и звучеше како моите братучеди. Тој беше единствениот Мексиканец во Холивуд што никогаш не изгубил. Секако дека ќе го сакаме Гонзалес, ние немаме арсенал со легендарни анимирани херои, покрај Дора Истражувачот и Бендер Родригез од „Футурама“ – пишува Арелано во неговата колумна.

Мексиканците, за кои многумина би помислиле дека најмногу ќе го мразат Гонзалес, се кренаа да го одбранат нивниот омилен цртан лик.

– Го сакаме Гонзалес, бидејќи тој е паметен и брз – напиша Еугенио Дербез, кој исто така ќе го позајмува гласот на цртаниот лик во иднина.

Фредерик Луис Алдама, истакнат универзитетски професор на Државниот универзитет во Охајо, специјализиран за прикази на латино-културата во филмови, на телевизија и други медиуми, исто така е задоволен што Иглесијас и другите застанаа во одбрана на Гонзалес.

– Не е изненадувачки што Флафи го брани Гонзлес. Потребно е ние да едуцираме и отвораме дискусии за да можат нашите деца да разберат како стереотипите постоеле и како тие продолжуваат да постојат, со цел да станат критички информирани гледачи. Ако го избришеме минатото, како ќе учиме од минатото и ќе ја направиме подобра иднина – објаснува Алдама, кој верува дека заминувањето на Пепе од големите екрани претставува пропуштена можност за цртаниот лик.