Јавната дебата на темата „Важноста на независната сцена во услови на поларизација“ ќе се одржи во културниот ентар „Јадро“, денеска, во 19 часот. Говорници ќе бидат Искра Гешоска, Мања Величковска и Роберт Алаѓозовски, а Тијана Спасовска ќе ја модерира дебатата.
– Независната културна сцена повторно е турната на маргините. Во изминатите години имаше знаци на зголемена поддршка и успешни примери како хибридната институција „Јадро“. Со последните промени, новоименуваното Министерство за култура и туризам ја откажа проектната програма за интердисциплинарни проекти и повеќекратно ја намали поддршката за проектите на независната сцена. Во услови на зголемена поларизација, на повлекување на странските донатори, на пренасочување на вниманието кон најранливите актери, потребата од засилена помош за Украина, независната сцена се соочува со закана за нејзиното опстојување. Целта на оваа јавна дебата е да се преиспита и уште еднаш да се укаже на важноста од постоењето на независната сцена за културната демократија, плурализмот на уметнички изрази и развојот на критичкото мислење. Независната културна сцена е цветот на современата култура, зародок на иновативни и експериментални културни практики и промотор на македонската креативност во светот. Потребни се поголем слух за нејзината важност, системска поддршка и стабилни услови за развој од сите нивоа на власт – велат организаторите.