Најскапата жива уметница
На десетгодишна возраст јапонската уметница Јајои Кусама почнува да доживува живописни халуцинации – блесоци на светлина, аури и полиња со точки што се закануваат да ја проголтаат. Овие визии, како и разговорите со цвеќињата, стануваат темел на нејзиното уметничко творештво. Цртежот станува нејзин начин за справување со стравот и анксиозноста, а мотивите од халуцинации, како точки и тикви, нејзин заштитен знак.
Не се согласувала со традиционалниот јапонски пристап кон уметноста
Познатата јапонска уметница Кусама, која го држи рекордот за најскапа жива уметница во светот, е родена на 22 март, пред 96 години. Нејзиното дело, обележано со бескрајното повторување на точки, соби во огледало и мотиви од тиква, ја освои публиката низ светот, а нејзината животна приказна, испреплетена со борба со менталното здравје и постојана потрага по уметнички израз, е еднакво интригантна.
Родена во 1929 година во Мацумото, Јапонија, Кусама расте во богато, но дисфункционално семејство. Нејзиниот татко бил неверен, а нејзината мајка ја принудила да го шпионира, што оставило длабока траума на младата Јајои. На десетгодишна возраст, таа почнала да доживува живи халуцинации – блесоци на светлина, аура и полиња со точки. Овие визии, кои вклучуваат разговори со цвеќиња, станаа основа на нејзиното уметничко творештво.
Иако посетувала уметничко училиште во Кјото, Кусама не се согласувала со традиционалниот јапонски пристап кон уметноста. Сакајќи слобода на изразување, во 1958 година, со неколку стотини долари зашиени во поставата на нејзините фустани и цртежи, таа се преселила во Њујорк. На почетокот живеела многу скромно, понекогаш преживувала од остатоци, но неуморно работела на својата уметност. Во Њујорк, Кусама брзо се интегрира во авангардната сцена, дружејќи се со уметници како Енди Ворхол и Доналд Џад. Нејзините слики покриени со илјадници ситни повторувачки потези на четката го привлекоа критичкото внимание. Таа исто така разви „меки скулптури“, предмети покриени со фалични форми, како форма на терапија за нејзината сексуална фобија, која произлезе од трауматските искуства од детството. Кусама се декларира како асексуална личност, а одбивноста кон сексот, која ја развила во детството, влијаела на нејзиниот живот и креативност. Иако имаше кратка врска со уметникот Доналд Џад, нејзината најзначајна романтична врска беше со уметникот Џозеф Корнел. Нивната врска беше страсна, но платонска.
Кусама стана позната и по нејзините хепенинг-изведби
Во 1960-тите Кусама стана позната и по нејзините хепенинг-изведби, во кои ги сликаше голите тела на учесниците со точки, често како знак на протест против Виетнамската војна или политиката на Никсон. Овие изведби, иако го привлекоа медиумското внимание, често беа погрешно толкувани, прикажувајќи ја како скандалозна фигура, а не како сериозен уметник. Кусама тврдеше дека некои од нејзините машки колеги, вклучувајќи ги Ворхол и Клес Олденбург, ги присвоиле нејзините идеи, што дополнително ја комплицирало нејзината позиција во уметничкиот свет во кој доминираат мажи.
По смртта на нејзиниот партнер Џозеф Корнел, Кусама во 1973 година се вратила во Јапонија. Нејзиното ментално здравје се влошило, а во 1977 година доброволно влегла во психијатриската болница „Сеива“ во Токио, каде што живее и денес. Сепак, ова не го означи крајот на нејзината кариера, туку нов почеток. Во близината на болницата има свое студио, каде што неуморно работи секојдневно, создавајќи слики, скулптури и инсталации.