Јубилејното 10-то издание на фестивалот „Скопје синема сити“, кој веќе една деценија успешно го негува музичкиот документарен филм и посветено работи на одржување на урбаната сцена во градот, вечерва во „Мала станица“ организира голема групна изложба на фотографии од концертите на гитарскиот маестро Влатко Стефановски. Изложбата вклучува фотографии на Стефан Рајхл, Ангел Ситновски-Бојс, Огнен Ацевски и Немања Ѓорѓевиќ, како и артефакти и фотографии од архивите на музичкиот историчар Тошо Филиповски и Владимир Мандичевски-Манде.
Насловот на изложбата е „Искуството на Влатко Стефановски“ и со неа ќе биде означен почетокот на фестивалот, во организација на здружението „Номад-арт“ од Скопје.
Првата деценија на фестивалот, која се одбележува со групната изложба на фотографии посветени на нашиот гитарски виртуоз, се поистоветува и со 50-годишнината од почетокот на неговата кариера. Изложбата сведочи за многуте концерти на Стефановски низ годините, за соработки и достигнувања, видени низ призмата на реномирани фотографи и колекционери. Идејното решение на плакатот е на Дијана Димитриевска.
Фестивалот „Скопје синема сити“, во чиј фокус се музички документарни филмови, годинава ќе одбележи десет години постоење. Филмските проекции ќе се одвиваат во Кинотеката на Македонија од 1 до 5 јули.