фото: Игор Станоески/ „Котон блуз фестивал“

Делата од ликовниот перформанс што се случуваше на „Котон блуз фестивалот“ ќе бидат изложени утре (9 декември) во барот „Русти“.
Станува збор за сликарски дела од еминентни имиња, кои се резултат од три последователни изданија на „Котон фестивалот“ каде ликовни уметници сликаат заедно со музичарите на сцена.
Сликите, кои се производ од овие активности, ќе бидат изложени за продажба по пат на хуманитарна донација во временски интервал од 17 до 19 часот.
Ќе бидат изложени дела од авторите Трајче Чатмов, Милан Андов, Боро Арсовски, Слободан Живковски, Игор Станоески, Трајче Павлов, Драган Милованов.

фото: Зденко Петровски / „Котон блуз фестивал“

Шестото издание на „Котон блуз фестивал“ годинава се одржа во текот на четири вечери, со девет концертни настапи. Покрај деветте концерти во главната програма, на фестивалот имаше и придружна програма, арт-колонијата од чии дела ќе биде направена претстојаната изложба, како и гитарска работилница со Павеза, кој последнава година беше на турнеја во Азија и Европа.
Се одржаа и три промоции на албуми на интересни македонски проекти од нашата блуз-сцена, а настапи и легендарниот блуз-гитарист од Англија и американски добитник на „греми“, Хамилтон Лумис. Скопската публика имаше можност да ги чуе Норман Бикер, Тони Холидеј, „Рене сингс д блуз“, „Д Мол пек“, Александар Пешевски, „Џони Кеш трибјут“, „Кросроуд блуз бенд“, „Иги Мен Квартет“…