Цветанка и Лефтер Андонови се избрани за принц и принцеза на Струмичкиот карневал на синоќешниот маскенбал кој се одржа во хотелот „Сириус“ во Струмица. Тие, со нивната маска „Хипици“, вечер (18.30 часот) заедно со кралот и кралската свита ќе го предводат карневалското дефиле на интернационалната карневалска вечер низ улиците на Струмица. Од претседателот на Организациониот одбор на Струмичкиот карневал, Александар Цицимов тие добија медал „Струмички карневал“ и пригодни подароци.
На маскенбалот учествуваа голем број гости од земјава и странство, а една од највпечатливите маски беше на градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, кој беше маскиран како Наполеон Бонапарта.
– Маската нема никаква скриена порака, туку се работи за карневал, големиот Струмички маскенбал, кој е увертира за главната карневалска вечер. Посакувам и овој Струмички карневал да помине во духот на забавата, во духот на смеата, од Струмица да се шири пораката на обединувањето во Македонија и надвор од неа. Портите на Струмица не се отворени само за струмичани, туку ги отвораме за целиот Балкан – рече Костадинов.
На вечерашното карневалско дефиле се очекува да учествуваат 48 групи во различни категории со учесници од земјава, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Грција и Турција, како и од повеќе градови во државата, а карневалската поворка се очекува да трае над 3 часови. Маските ќе ги оценува жири комисија, која во различни категории ќе додели награди на најуспешните.
Карневалот продолжува утре, на Прочка, кога се одржува традиционалниот детски карневал, на кој младите струмичани ќе продефилираат со своите маски.