Фото: Пиксабеј

Сè почестата практика на користење објави од социјалните мрежи како научен доказ за ретки и загрозени видови ајкули може да доведе до сериозни научни грешки, кои на крајот му штетат на зачувувањето на природата, предупредува Ален Солдо од Универзитетот во Сплит во научна студија. Во своето истражување на примерот на ајкулите во Средоземно Море, Солдо посочи случај на погрешна идентификација на големата бела ајкула во работата на група вработени од австриски, хрватски и од црногорски институции.
Во овој случај, ајкула што беше опишана во научно списание како млада голема бела ајкула беше погрешно идентификувана затоа што непрофесионални луѓе погрешно ги протолкувале или целосно ги игнорирале клучните анатомски карактеристики, особено карактеристиките на забите, вели Солдо, кој е и копретседател на групата за медитерански ајкули во Светската организација за зачувување.
Големата бела ајкула е еден од највпечатливите и загрозени морски предатори во Медитеранот. Секое наводно откритие привлекува големо внимание од јавноста и медиумите, а научните трудови што опишуваат вакви случаи често се објавуваат многу брзо. Во еден истакнат случај, во медиумите и на социјалните мрежи беше претставена млада голема бела ајкула (Carcharodon carcharias). Сепак, студијата на Солда докажа дека станува збор за сосема друг вид, односно пробигл-ајкула (Lamna nasus). Според него, погрешната идентификација се случила затоа што достапниот материјал за идентификација не бил професионално проверен од експерти за таксономија на ајкулите.

Проблемот не е поврзан само со еден случај, туку е многу поширок. Според студијата, постои сè поизразен тренд на замена на теренските истражувања со таканаречени истражувања од социјалните мрежи. Сепак, за разлика од класичните научни истражувања, кои бараат обучени експерти, стандардизирани методи и внимателна документација, податоците од социјалните мрежи често се нецелосни, слабо документирани и многу шпекулативни, предупреди авторот. Фотографиите често се со слаб квалитет, клучните морфолошки карактеристики не се видливи, а основните податоци како што се големината на единката, точната локација или околностите при уловот често недостигаат.
Неточните записи за видовите можат да ги нарушат мапите на дистрибуција на загрозените ајкули, да дадат лажен впечаток за закрепнување и да доведат до погрешни одлуки во заштитата и управувањето со видовите. За критично загрозените видови, како што е големата бела ајкула, дури и мал број неточни записи можат значително да го променат начинот на кој научниците, носителите на одлуки и јавноста ја перципираат состојбата на популацијата. Студијата повикува на воведување јасни стандарди – евиденцијата на ретки и строго заштитени видови мора да биде поткрепена со квалитетни докази, оценета од квалификувани експерти и усогласена со постојните законски и конзерваторски рамки.